На трпезата на современиот човек има сè помалку квалитетна храна

Точка

04/11/2026

20:32

658

Големина на фонт

а а а

Поради осиромашената почва и климатските промени, денешниот ручек содржи значително помалку хранливи материи од оној што го јаделе нашите предци во минатиот век

Зеленчукот, месото и житарките што ги јадеме денес имаат и до 50 отсто помалку есенцијални минерали во споредба со намирниците од втората половина на минатиот век, покажуваат најновите истражувања. Осиромашената почва, сè побрзото одгледување и климатските промени тивко ја менуваат хранливата вредност на храната што се наоѓа на трпезите на современиот човек.


Извештајот што неодамна го објави организацијата „Deep Science Ventures“ открива загрижувачки тренд на намалување на хранливите материи во храната. Истражувачите утврдиле дека просечните концентрации на железо во 29 вида овошје и зеленчук бележат пад од 50 отсто во споредба со 1940 година. Количеството бакар се намалило за 49 проценти, а на магнезиум за 10 отсто. Морковот, компирот, грашокот и зелката, традиционални состојки на неделниот ручек, се нашле меѓу најпогодените земјоделски култури.

Слична состојба е забележана и кај месото, според одделна анализа на британскиот институт „Quadram“ од 2024 година, во која современото говедско месо било споредено со податоци од 1992 година. Научниците откриле значително пониски нивоа на јод и на неколку витамини од Б-комплексот, вклучувајќи ги Б1, Б2, Б6, Б12 и фолната киселина. Истата студија покажала дека нивоата на железо, селен, калциум, магнезиум и калиум во денешните примероци говедско месо се повисоки отколку пред 34 години.


Недостигот од овие клучни елементи незабележливо го нарушува општото здравје на луѓето. Железото го пренесува кислородот низ телото, а неговиот недостиг доведува до хроничен замор и анемија, додека фолната киселина е особено важна за бремените жени.

„Веќе 60 години ја мериме прехранбената сигурност во калории и тони по хектар и во тоа сме исклучително успешни. Меѓутоа, тивко го празневме она што навистина се наоѓа во нашата храна“, објасни Вили Самерс, виш соработник за клима во организацијата „DSV“.


Современото земјоделство има двоен ефект врз она што го јадеме. Поради големите барања на пазарот за поубав зеленчук што подолго трае на полиците, земјоделците усвоиле методи со кои се постигнуваат максимални приноси.

Морковот, компирот, грашокот и зелката се меѓу најпогодените земјоделски култури. Последицата е таканаречениот ефект на разредување, при кој културите одгледувани за да растат поголеми и побрзо создаваат повеќе јаглехидрати, но не успеваат да извлечат исто количество минерали од почвата. Интензивната обработка и постојаното одгледување исти култури со текот на времето ја нарушуваат структурата на почвата и нејзината плодност.


Климатските промени дополнително ја усложнуваат состојбата. Поголемото количество јаглерод диоксид во атмосферата ја забрзува фотосинтезата, што им овозможува на растенијата побрзо да растат, но тоа често значи намалена хранлива вредност.

Студија објавена во списанието „Nature“ покажала дека културите што растат во вакви услови создаваат повеќе јаглехидрати, но содржат помалку цинк, железо и протеини. Овој пад на хранливата вредност претставува посебен ризик за луѓето со неправилна исхрана, но и за корисниците на лекови за слабеење како „Ozempic“, „Mounjaro“ и „Wegovy“. Бидејќи овие третмани го потиснуваат апетитот, пациентите јадат драстично помалку, па хранливата густина на секој залак станува неспоредливо поважна.


Според податоците на стручњаците, повеќе од две милијарди луѓе низ светот веќе имаат барем еден недијагностициран недостиг од микронутриенти.

Соочени со овие проблеми, земјоделците и научниците се свртуваат кон нови, а всушност стари модели на одгледување. Промовирањето на регенеративното земјоделство нуди решение преку садење покривни култури чија цел е обнова на почвата, како и преку задолжителен плодоред и минимална обработка на земјиштето.