Како зеленилото може да го разлади Скопје: Дрвореди и кровни градини против урбаната жештина

Точка

11/08/2026

14:18

466

Големина на фонт

а а а

Дрворедите, добро избраните видови дрвја и кровните градини можат да имаат значајна улога во намалувањето на ефектот на урбаната жештина, особено во густо изградените делови на Скопје.

Во летните месеци, високите температури, загреаниот асфалт и недостигот од сенка стануваат сè поголем предизвик за жителите на Скопје. Во такви услови, урбаното зеленило не е само прашање на естетика, туку важен дел од градската инфраструктура, кој може да придонесе за намалување на топлината, прашината и загадувањето.

Од Градинарскиот центар Фоја посочуваат дека при планирањето на градското зеленило особено внимание треба да се посвети на изборот на видови што можат да ги издржат специфичните услови во урбана средина.


„Во Скопје дрвјата не се само украс, туку природна заштита од топлински бранови. При изборот на садници треба да се внимава на отпорноста на суша, загадувањето, високите температури и ограничениот простор за развој на коренот“, велат од Фоја.

Како потенцијално погодни видови за урбани услови ги издвојуваат копривката (Celtis australis), горскиот јавор, млечот и нивните култивари (Acer pseudoplatanus и Acer platanoides), полскиот и црниот јасен, платанот, дабовите и други видови. Сепак, како што нагласуваат, изборот треба да се прави според конкретната локација и условите за раст.

Садењето не е доволно

Еден од клучните предизвици за урбаното зеленило е обезбедувањето услови дрвјата да преживеат и да достигнат зрелост. За тоа се потребни доволно почва, простор за развој на кореновиот систем, наводнување во првите години и континуирано одржување.

Од Фоја предупредуваат дека една од најчестите грешки е садењето без долгорочен план.


„Најголемата грешка е кога се сади без план за иднината и без капацитети за одржување. На новите дрвја, а поготово на старите постојни, треба да им обезбедиме услови за да се развиваат здраво. Тоа подразбира континуирано, редовно одгледување и одржување, за кое треба да сме спремни дека чини многу повеќе од самиот чин на садење“, велат од компанијата.

Особено значење имаат возрасните дрвја, чии крошни обезбедуваат значителна сенка и придонесуваат за подобра микроклима. Нивната еколошка вредност не може брзо да се надомести со засадување нови садници.

„Урбаното зеленило треба да се третира како јавна инфраструктура, исто толку важна како улиците и тротоарите“, додаваат од Фоја.


Зеленило и на покривите

Во деловите од градот каде што просторот за класично зеленило е ограничен, една од можностите се кровните градини. Тие овозможуваат зелените површини да се внесат и на објекти каде што на ниво на улица нема доволно простор за нови насади.

За таа намена, Фоја го разви инстант вегетативниот модул „Семпервел“, наменет за побрзо и поедноставно поставување на екстензивни и полуинтензивни кровни градини.


Модулите се наменети за поставување на рамни кровови и тераси, а според компанијата имаат дренажно-акумулациони својства и можат да придонесат за задржување на дождовницата, подобрување на термичката изолација и намалување на загревањето на бетонските површини.

„Кровните градини се начин да се врати дел од зеленилото што градот го губи со заробените површини под новите градби. Со Семпервел, кровната градина може да се изведе побрзо и поедноставно, а ефектот е корисен и за објектот и за околината – помалку загревање, подобра изолација, апсорпција на прашина и попријатен урбан простор“, велат од Фоја.


Во услови на интензивна урбанизација и сè почести летни горештини, зелената инфраструктура станува важен дел од планирањето на градовите. За Скопје тоа значи не само нови дрвја, туку и зачувување на постојното возрасно зеленило, правилен избор на видови, соодветни услови за нивен развој и користење на дополнителни решенија, како кровните градини.

Со долгорочно планирање и редовно одржување, зеленилото може да помогне во создавањето поладни, поздрави и попријатни јавни простори за жителите на Скопје.