Додека високите температури многумина ги принудуваат да бараат спас во климатизирани простории или на плажите, во Супетар на островот Брач сè повеќе посетители освежувањето го пронаоѓаат на малку поинаков начин – со капење и јавање коњи во морето.
Оваа необична летна атракција привлекува туристи кои сакаат да избегаат од градската врева и вообичаените туристички содржини. Јавачите заедно со коњите влегуваат во плиткото море, поминуваат низ водата и уживаат во природата, а за многумина тоа е и прво искуство со јавање коњ.
Меѓу нив биле и сплиќанките Емануела и Маријела Лагатор, кои за првпат се качиле на коњ.
„Сакавме да избегаме од градските горештини, да поминеме време во природа и да се дружиме со животните. Беше релаксирачко и навистина ни помогна да се разладиме“, изјавила Маријела, додавајќи дека искуството ги надминало сите нивни очекувања.
Нејзината пријателка Емануела исто така истакнала дека станува збор за уникатно доживување кое би му го препорачала на секого, без оглед на тоа дали претходно имал искуство со јавање.
Воодушевувањето не го криела ниту Лана Паскал од Јастребарско, која нагласила дека токму дружењето со коњите било главната причина поради која дошла во Супетар.
„Прекрасно е чувството да се биде со коњите во морето, особено за време на вакви горештини. Ова е едно од најубавите искуства што сум ги доживеала за време на летувањето“, рекла таа.

За накратко да избега од високите температури во Сплит, во Супетар пристигнал и Тони Перишиќ.
„Избегавме од градот каде што температурите надминуваат 40 степени. Тука пронајдовме мир, природа и вистинско освежување“, изјавил тој, истакнувајќи дека капењето со коњи е сосема поинакво доживување од класичното јавање на ранч.
Сопственикот на ранчот, Стивен Размилиќ, открил дека идејата за капење со коњи се родила сосема спонтано.
„Уште како млади доаѓавме со коњите на плажа за да ги разладиме за време на големите горештини. Кога го отворивме ранчот, решивме таа идеја да им ја понудиме и на посетителите, а се покажа дека станува збор за активност што луѓето едноставно ја обожаваат“, раскажал тој.
Тој додал дека морското освежување им годи и на коњите, кои многу потешко ги поднесуваат летните горештини отколку постуденото време.

„Повеќето гости доаѓаат со одредена доза страв, бидејќи првпат се среќаваат со коњи, но многу брзо се опуштаат. Турите се приспособени и за деца и за возрасни, без оглед на претходното искуство, а коњите се мирни и навикнати на ваков начин на работа“, истакнал Размилиќ.
Капењето со коњи така стана една од најинтересните летни атракции на Брач, спојувајќи ги престојот во природа, освежувањето во морето и уникатното доживување кое од година во година привлекува сè поголем број домашни и странски посетители.












