Снимка од припадници на Словенечката војска за време на обука стана вирален хит на „TikTok“. Видеото прикажува група војници кои маршираат во строј и ритмички скандираат. Една војничка го предводи напевот, а останатите припадници на единицата гласно ѝ одговараат.
Во стиховите се споменуваат словенечки региони, а преку војнички хумор се опишува секојдневието во касарната. На крајот сите извикуваат: „За Словенија!“. Снимката предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
На едни им се симпатични, други им се потсмеваат
Иако станува збор за вообичаена вежба што е дел од воената обука, видеото предизвика голем број шеговити коментари.
„Оваа војска може да војува само во Дизниленд“, гласи еден од коментарите, додека друг корисник напиша: „Леле, па ние ќе треба нив да ги браниме.“
Некои ги споредија војниците со извидници, со забелешки како: „Што е ова, градинка?“ и „Мали извидници! Баш се слатки!“.
Меѓу останатите реакции се најдоа и досетки како „Музичката бригада на Јанез Јанша“ и „Убава група!“.
Еден корисник се осврна и на платите на војниците, па напиша: „Барем се платени, ајде, и повеќе од нашите.“
@postanivojak Spremljaj nas 🫡 Video Marja Pavlin #slovenskavojska #vojska #postanivojak #slotiktok #tabor ♬ original sound - Postani vojak!
Дел од кампањата за привлекување нови кандидати
Виралната снимка всушност е дел од новата кампања на Словенечката војска под слоганот „Стани војник“. Целта на кампањата е да се поттикне интересот за воената професија и да се привлечат нови кандидати.
Во промотивното видео, Марја Павлин ги повикува заинтересираните да размислат за кариера во војската и објаснува како изгледа процесот на пријавување, обуката и секојдневниот живот на војниците.
Кампањата е насочена кон младите, но и кон сите полнолетни лица кои размислуваат за воена служба. Заинтересираните можат да се пријават преку официјалните конкурси, а пред да станат дел од системот мора да ги исполнат пропишаните услови, да поминат лекарски преглед и селекциска постапка.
Важен дел од подготовката се воените кампови и обуките, каде што кандидатите минуваат физичка подготовка, учат за тимска работа, воена дисциплина и стекнуваат вештини неопходни за воената професија.
Од Словенечката војска ги повикаа сите заинтересирани да ги следат официјалните конкурси и внимателно да ги проверат условите пред да се пријават.






