АВМУ: Новинарите мора да можат слободно и непречено да ја вршат својата работа без закани, заплашување и притисоци

Макфакс

11/08/2026

10:10

107

Големина на фонт

а а а

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги реагира на сериозни закани и повици за насилство кон новинарот Ерол Ризаов, истакнувајќи дека новинарите мора да работат слободно и без притисоци.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги укажува на сериозноста на содржината на коментарите објавени на официјалната Фејсбук страница на новинарот и колумнист Ерол Ризаов, во кои се упатуваат сериозни закани, повици за физичко насилство и навреди по основа на етничка припадност.

Во дел од коментарите се содржани повици за физичко пресметување со новинарот, вклучително и пораки со кои се повикува на негово елиминирање и смрт. Ваквата содржина ја наметнува потребата од соодветно постапување од страна на надлежните институции, во рамките на нивните законски надлежности, велат од АВМУ.

Агенцијата потсетува дека новинарите мора да можат слободно и непречено да ја вршат својата работа без закани, заплашување и притисоци.

„Создавањето атмосфера во која заканите кон новинарите се присутни во јавниот простор може да има сериозни последици врз слободата на медиумите и слободата на изразување.

Заканите за физичко насилство, повиците за нанесување повреда или одземање живот, како и ширењето нетрпеливост и навреди врз етничка основа, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се релативизираат или нормализираат“, соопшти АВМУ.

Агенцијата апелира за одговорно користење на јавниот простор и за почитување на достоинството, безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите, како предуслови за слободно, независно и плуралистичко медиумско опкружување.