Се покажа дека постои една работа во која AI-четботовите дефинитивно се подобри од луѓето. Еве за што станува збор.
Ново истражување на кое укажува „Wired“ откри дека големите јазични модели се значително подобри од луѓето во спроведувањето на таканаречените „pig butchering“ измами – вид онлајн инвестициски измами во кои криминалците градат лажни, долгорочни односи со жртвите за да ја стекнат нивната доверба, пред финансиски целосно да ги ограбат.
За да ја спроведат студијата, истражувачите од Универзитетот Нортистерн и група меѓународни институции соочиле 22 испитаници со два вида измамници: едниот бил AI-четбот, а другиот случајно избрана личност. По седумдневно градење близок однос, „измамниците“ побарале од своите „жртви“ или да преземат апликација или да играат игра на интернет, што служело како замена за финансиски манипулативно барање – односно барање кое во реалниот свет би можело да се искористи за хакирање на уредот на жртвата.

Вкупно, само 18 проценти од човечките измамници успеале во својата намера, додека AI-четботовите биле далеку поуспешни, убедувајќи речиси половина од учесниците.
Иако самите резултати се доволно загрижувачки, леснотијата со која истражувачите успеале да ги создадат овие измамнички јазични модели веројатно е уште пострашна. Во студијата првенствено бил користен моделот „Claude“, на кој му било наложено под никакви околности да не признае дека е AI-четбот.
Ботот „Claude“ ја следел инструкцијата со исклучителна посветеност, негирајќи дека е AI-четбот кога ќе го прашале за тоа, па дури и измислувал приказни за покритие кога ќе бил притиснат со прашања.

„Со релативно малку труд, успеавме да создадеме агент кој може да го надмине човекот во градењето на оваа емоционална доверба погодна за злоупотреба“, изјави за „Wired“ Јисроел Мирски, професор по компјутерски науки на Универзитетот Бен Гурион и еден од коавторите на студијата.
Подеднакво алармантна била и реакцијата на учесниците по завршувањето на експериментот. Иако 20 од 22 жртви успеале да препознаат кој од двајцата измамници бил AI-четбот, истражувачите за „Wired“ изјавиле дека имало многу шок, па дури и негирање на она што се случило.
„Некои луѓе едноставно беа запрепастени“, изјави Гилад Гресел, професор на Универзитетот Амрита Вишва Видијапитам. „Едноставно немаа никаква претстава.“








