Сер Алекс Фергусон и ден денеска важи за последниот менаџер кој му донесе премиерлигашка титула на Манчестер Јунајтед, а 13 години по неговото пензионирање, се уште доста свежи се спомените од патот кој го фати клубот од тој момент.
Легендарниот Шкотланѓанец беше наследен од Дејвид Мојс во најтешката етапа за клубот од „Олд Трафорд“, но пред да падне изборот на тогашниот менаџер на Евертон, Манчестер Јунајтед бил одбиен од еден од најголемите на сите времиња, Жозе Мурињо.
Во најновиот документарец кој се прикажува на „Нетфликс“ во чест на Мурињо, специјален гостин е и Фергусон, кој лично открива дека му ја понудил работата на Мурињо да биде негов наследник на театарот на соништата.
– Кога си заминував од Реал Мадрид, веќе имав преддоговор со Манчестер Јунајтед за да бидам наследник на Фергусон, – открива Мурињо, а верзијата ја потврди и Ферги.
– Точно е дека му беше понудена работата, седнавме на маса и му ја објаснив сиутацијата. Од тоа што го разбрав тогаш, тој ја прифати понудата и требаше да ме наследи, а потоа во рок од неколку часа се променија многу работи, – порачува Фергусон.
До големиот пресврт пристигнало откако понуда на маса пристигнала и од Челси, клуб со кој Мурињо има посебна врска од самите почетоци на својата кариера.
– Една вечер ми се јави и плачеше по телефон. Ми порача дека не може да ја прифати работата во Јунајтед, дека му дал збор на Челси и дека нема да го погази. Ја разбрав неговата причина, но останав разочаран, – додава Фергусон во обраќањето во документарецот.
– Шансата да го наследам Фергусон многу ми ласкаше, Манчестер Јунајтед како клуб нуди неверојатно привлечност, но едно е љубовата кон фудбалот, а друго љубота кон одреден клуб. Тоа е посилно од љубовта кон фудбалот, а после Реал Мадрид, потребен ми беше мир и да се чувствувам сакано, знаев дека тоа ќе го имам во Челси. За мене беше драматично што пропуштив шанса да го наследам Фергусон, но не жалам за одлуката, бидејќи истата ја донесов со срце, – заклучува Мурињо кој подоцна сепак работеше во Јунајтед во периодот од 2016-та до 2018-та година.











