[ФОТО] Од филм со Вил Смит до Ју-Ес Опен: На 12 години ја глумела Серена Вилијамс, денес гради сопствена тениска приказна

Точка

02/09/2026

19:00

137

Големина на фонт

а а а

Неверојатна е животната приказна на Тиja Фродин, тенисерка која допрва треба да стане полнолетна. Седумнаесетгодишната Американка во вторникот дебитираше на најголемата сцена, на гренслем-турнир, настапувајќи на Ју-Ес Опен.

Во првото коло се соочи со исклучително тешка задача, која на крајот се покажа како преголем залак. Со 2:0 во сетови (6:3, 6:2) загуби од Елена Рибакина, втората тенисерка во светот според ВТА-листата.

Она што го прави патот на Фродин восхитувачки е фактот што пред само пет години била девојче кое на филмски сет имитирало една од најголемите тенисерки на сите времиња, односно Серена Вилијамс.


Тогаш добила можност за која многумина можат само да сонуваат и одлично ја искористила. Имено, таа станала тениска двојничка на младата Серена во филмот „Кралот Ричард“ („King Richard“).

Станува збор за филм кој го следи развојот и приказната на семејството Вилијамс, а за улогата на Ричард Вилијамс, Вил Смит освои Оскар.


Пет години подоцна, Фродин повеќе не мора да глуми – таа е професионална тенисерка! Уште како мала освојувала бројни титули, како во поединечна конкуренција, така и во двојки и мешани двојки, притоа навестувајќи голема кариера.

Со тоа го привлекла и вниманието на филмските продуценти, кои набрзо ѝ понудиле можност да се испроба и во актерска улога. Шест месеци, по неколку дена во неделата, Фродин ги поминувала на снимање, а со оглед на тоа што и самата била голема обожавателка на американската тениска легенда, не ѝ било тешко да го проучува стилот на Серена.


Сепак, тоа отишло и во друга крајност, па Фродин по снимањето признала дека морала да работи на повторното враќање на сопствената техника на удирање, поради што нејзините тренери не биле особено воодушевени.

Како и да е, по холивудската авантура, Фродин продолжила да ја гради својата тениска кариера, а нејзиниот досегашен најголем успех е настапот на Ју-Ес Опен. Местото на турнирот го обезбедила со освојувањето на државното првенство на УСТА за тенисерки до 18 години, со што добила „вајлд-карта“ за главниот ждреб.


Фродин настапи против Рибакина и имаше голема поддршка од публиката. На мечот забележа дури 11 аса, но не успеа да освои повеќе од пет гемови. Сепак, со својот храбар настап покажа дека на тениската турнеја нема да биде само „случаен минувач“.

Интересно е што, ако се погледне целиот нејзин пат, Фродин никогаш не ја запознала „хероината“ која ја глумела. Сепак, признала дека меч со Серена, или барем можност да размени неколку удари со легендарната тенисерка, би било вистинско остварување на сонот.

Дали ќе ја дочека таа среќа, времето ќе покаже…