Канадскиот државјанин Конор Мука (26) ја призна вината за хакирање на повеќе од 165 компании, кражба на милијарди записи и уценување на неколку компании и поединци.
Американското Министерство за правда неодамна го објави признанието на вината во соопштение за јавноста.
Мука е обвинет за хакирање на клауд-провајдерот „Snowflake“, што нему и на неговите соучесници им овозможило да упаднат во системите на десетици корисници на компанијата, меѓу кои „AT&T“, „LendingTree“ и „Ticketmaster“. Мука украл податоци на повеќе од 100 милиони корисници на „AT&T“, вклучувајќи записи за повици и пораки, како и банкарски податоци, броеви на возачки дозволи и броеви за социјално осигурување од други упади.

Во текот на годините, Мука и неговите соучесници добиле повеќе од 2,5 милиони долари како откуп. Хакерот заработил и околу 500.000 долари од продажба на податоците на жртвите на хакерски форуми, како озлогласениот „BreachForums“. Жртвите на хакерските напади на Мука и неговите соучесници претрпеле загуби од 9,5 милиони долари, наведува американското Министерство за правда.
„Заканите и повторените уцени на Конор Мука беа пресметани и предаторски, а неговите постапки им нанесоа вистинска штета на жртвите – без разлика дали станува збор за компаниите кои беа цел на кражба и уцена или за милионите обични луѓе кои се нивни корисници“, изјави В. Мајк Херингтон, специјален агент на „FBI“ кој работел на случајот.

Мука, кој на интернет бил познат под псевдонимите „Waifu“ и „Judische“, бил уапсен во Канада кон крајот на 2024 година, само неколку месеци по нападот врз „Snowflake“.
Во тоа време, Остин Ларсен, виш истражувач во компанијата за сајбер-безбедност „Mandiant“ на „Google“, кој ги истражувал нападите врз „Snowflake“, изјавил дека Мука бил „еден од највлијателните“ хакери во 2024 година.











