Кога станува збор за заштита од сонце, клучно е да се користи производ со заштитен фактор (SPF) од најмалку 30, но се поставува прашањето дали подобар избор е крема или спреј. Иако двата производи се подеднакво ефикасни ако правилно се нанесат, дерматолозите истакнуваат дека кремите во пракса често се покажуваат како подобар избор. Причината е едноставна – луѓето често го нанесуваат спрејот нерамномерно и во недоволна количина, што го намалува нивото на заштита, додека нанесувањето крема е попрецизно и потемелно, пишува „Health“.
Како функционира заштитниот фактор
Повисокиот SPF по правило е подобар, но само до одредена граница, вели д-р Вивијан Чин, основачка на центарот „Koru Wellness & Aesthetics“.
„SPF е кратенка за заштитен фактор од сонце и покажува колку долго можете да престојувате на сонце без изгореници или оштетување, во споредба со времето што би го издржала незаштитената кожа“, изјави д-р Чин за „Health“.
Теоретски, SPF 30 значи дека можете да останете на сонце 30 пати подолго пред кожата да поцрвени, но тоа важи само ако точно се придржувате до упатствата.
„Повеќето луѓе во пракса не ги следат упатствата дословно. Производот не го нанесуваат 30 минути пред изложување на сонце, ниту повторно го нанесуваат на секои два до три часа, особено по потење или бришење со пешкир“, додава д-р Чин. Високиот SPF кај некои луѓе создава лажно чувство на сигурност, поради што поретко ја обновуваат заштитата.
„За повеќето активности препорачувам водоотпорен производ со широк спектар на заштита и SPF 30 или повисок“, вели д-р Чин.

Спреј за сончање
Спрејовите станаа популарни бидејќи лесно се нанесуваат и не се масни, објаснува д-р Адриен О’Конел. Сепак, нивниот недостаток е што потешко се нанесуваат рамномерно, а ветерот може да го разнесе производот пред да стигне до кожата.
„Ако го нанесувате спрејот директно на телото, голем дел од производот често завршува во воздухот, а не на кожата“, предупредува д-р Чин. Таа советува прво да го испрскате на дланките, а потоа да го втриете на лицето или телото.
Во пракса, спрејовите не обезбедуваат исто толку добра покриеност како кремите. „Ако немате крема, спрејот може да послужи, но не на долг рок. Долгорочно ќе мора да нанесувате повеќе спреј отколку крема“, вели д-р Мичел.

Крема за сончање
Иако многумина ги паметат кремите како густи бели премази, д-р Хејл истакнува дека денешните формули значително напредувале. Главната предност на кремата е тоа што точно гледате каде ја нанесувате и така обезбедувате целосна покриеност. Сепак, на некои места, како што е скалпот, спрејот може да биде попрактичен избор.
„За лицето претпочитам крема за да избегнам вдишување на спрејот“, вели д-р О’Конел. „Аеросолите можат да ги иритираат белите дробови ако се вдишат. Сакам да користам и креми наменети специјално за лице, бидејќи често содржат хидратантни и анти-ејџ состојки, како што е хијалуронската киселина“, додава таа.
Проблемот со белиот траг што го оставаат минералните состојки денес се решава со понапредни формули со микронизирани честички или со тонирани креми.

Може ли производите да се комбинираат?
Експертите се согласуваат дека е сосема безбедно да се комбинираат различни производи. Ако сте навикнати на одредена крема за лице, а за телото повеќе ви одговара спреј, тоа е добар пристап. Д-р Чин за чувствителна кожа препорачува минерални креми, бидејќи поретко предизвикуваат реакции.
„Најдоброто средство за заштита од сонце е она што ќе го користите редовно“, заклучува д-р Чин. „Ако полесно ви е да нанесете спреј на телото, а посебна крема на лицето, тогаш слободно направете го тоа.“








