Сè започнало како романтичен гест на одмор, но можело да се претвори во кошмар. Необичното искуство на еден млад пар кој се вратил од Грција го сврте вниманието кон фактот дека навидум безопасни ситуации можат да завршат трагично.
Тие го споделија своето искуство јавно, со цел да ги предупредат другите за опасноста од која за среќа се извлекле.
Како што напишала авторката на објавата во Фејсбук групата „Grčka info“ , нејзиното момче се обидело да откине цвет од олеандер со забите за време на престојот во Грција, откако не успеал со раката.
„Моето момче во Грција откина цвет од олеандер со забите, не успевајќи да го искине со раката. Само среќа е и фала му на Бога што веднаш ја почувствувал горчината и му реков да го исплука како што е, па не го проголта. По враќањето од патувањето, 48 часа подоцна дознаваме дека секој дел од растението е исклучително отровен и може да предизвика сериозни проблеми до најлош можен исход. Фала му на Бога што добро поминавмме, но некој друг можеби нема да размисли како и ние и во незнаење ќе се изложи на потенцијално висок ризик“, напишала таа.

Објавата привлече големо внимание кај членовите на групата, а во коментарите, а голем број корисници предупредија дека олеандерот е исклучително опасно растение и дека дури и мала количина од неговиот сок или делови од растението може да претставува сериозен здравствен ризик.
Но исто така многумина коментираа дека не знаеле колку е отровно ова растение, иако е многу честа појава во Грција, каде што се користи како украс во паркови, покрај патишта, шеталишта и хотели.
Што е олеандер и зошто е опасен?
Олeандерот (зокум – Nerium oleander) е зимзелено украсно растение кое цвета обилно во лето и е широко распространето во медитеранските земји, вклучувајќи ги Грција, Хрватска, Црна Гора и Италија.
Меѓутоа, сите делови од растението се отровни – цветови, лисја, стебло, корен, па дури и млечниот сок што се ослободува при кршење на гранките. Содржи кардиотонични гликозиди, од кои најпознат е олеандринот, кој може сериозно да влијае на работата на срцето.
Како се манифестира труењето?
Симптомите на труење може да се појават по голтање делови од растението, но и по контакт со голема количина сок од растението, особено ако дојде во контакт со устата или очите.
Најчестите симптоми вклучуваат:
горчлив вкус во устата;
мачнотија, повраќање и болки во стомакот;
дијареја;
вртоглавица и малаксаност;
бавно или неправилно чукање на срцето;
пад на крвниот притисок;
во потешки случаи, нарушувања на срцевиот ритам, губење на свеста и компликации што го загрозуваат животот.

Доколку постои сомневање дека некој проголтал дел од олеандарот или ако се појават следниве симптоми по контакт со растението, потребно е што поскоро да побарате итна медицинска помош, бидејќи последиците можат да бидат сериозни, особено за децата, постарите лица и лицата со срцеви заболувања.
Иако сериозните труења не се случуваат често, експертите предупредуваат дека ова растение никогаш не треба да се става во уста или да се користи за друга намена освен за декоративна.









