Иако изгледа дека на Земјата остануваат сè помалку места кои не се истражени, океанските длабочини и понатаму кријат некои од најголемите тајни на планетата. Научниците проценуваат дека визуелно се истражени помалку од 0,001 процент од длабокото море, додека огромни области остануваат целосно скриени од човечките очи поради екстремните длабочини или масивните ледени покривки. Едно од најголемите изненадувања се случи во 2009 година, кога експедиција на „NASA“ на Антарктикот проби пат низ Росовата ледена плоча и откри живот таму каде што никој не го очекуваше.
Во текот на експедицијата, научниците издупчиле отвор длабок 183 метри низ Росовата ледена плоча на Антарктикот. Целта била да се пронајдат траги од микробиолошки живот во скриениот свет под мразот. Но, кога камерата развиена од Лабораторијата за млазен погон („JPL“) на „NASA“ била спуштена под ледената плоча, истражувачите ги дочекало сосема неочекувано откритие. Наместо празнина, темнина и безживотен простор, на екранот се појавило мало морско суштество – минијатурен рак од групата „lysianassid amphipoda“, односно ракче сродно на шкампите.
– Сите бевме целосно фасцинирани од она што го видовме на мониторот – изјави научникот на „NASA“, Роберт Биндшадлер.
Суштеството пронајдено на 32 километри од отворено море ги збунило експертите
Она што особено ги изненадило биолозите е фактот дека овој мал рак бил пронајден дури 32 километри оддалечен од отворениот океан. На тоа место нема сончева светлина, а условите се целосно поинакви од оние во кои живеат повеќето морски организми. Сепак, присуството на животно кое се наоѓа релативно високо во синџирот на исхрана покажало дека под мразот веројатно постои многу побогат екосистем отколку што претходно се претпоставувало. Биндшадлер истакнал дека откритието било особено значајно бидејќи не бил пронајден само едноставен микроорганизам, туку покомплексен организам кој зависи од други извори на храна.
Овие ракчиња се познати како своевидни чистачи на морското дно. Најчесто се хранат со остатоци од угинати животни, како риби, фоки и пингвини, но научниците на некои локации забележале дека напаѓаат и живи организми.
Но, истражувачите не биле воодушевени само од нивното присуство, туку и од нивното однесување. Ракчето ѝ се приближило на камерата, се движело околу кабелот, го набљудувало уредот од различни агли и пливало нагоре-надолу, како да го проучува непознатиот предмет што за првпат пристигнал во неговиот скриен свет.
„Имавме многу прашања, а веројатно и тој имаше. Беше исклучително љубопитен“, рече Биндшадлер.
Во текот на истата експедиција, научниците не пронашле само еден необичен жител под мразот. Кога го извлекле големиот кабел назад на површината, забележале и траги од медузи кои се прицврстиле за металната конструкција. Биндшадлер тогаш областа под ледената плоча ја опишал како „сосема нова граница за истражување“, сметајќи дека таму се кријат уште многу непознати облици на живот. Подоцнежните истражувања покажале дека бил во право.

Години подоцна откриена цела заедница на живот под мразот
Во 2022 година, научниците испратиле нова сонда околу 500 метри под површината на мразот, неколку километри од Росовата ледена плоча. Овојпат не пронашле само еден жител на скриениот свет, туку цели заедници од амфиподи – групата на која ѝ припаѓаат и претходно пронајдените ракчиња.
Потоа сондата навлегла во една од подземните реки што се наоѓаат под огромните антарктички ледени маси. Големиот број пронајдени организми покажал дека под мразот постои сложен и скриен екосистем каков што научниците претходно не можеле ни да замислат.
– Интересно прашање е од каде доаѓа нивната храна и зошто нивното присуство толку многу се менуваше во текот на десетте дена додека ги набљудувавме – изјави професорот Крег Стивенс од новозеландскиот Национален институт за истражување на водите и атмосферата.
Откритијата под антарктичкиот мраз покажаа дека дури и во најстудените и најизолираните делови на планетата постојат скриени светови преполни со живот – тие само сè уште чекаат човекот да ги открие.











