Островската држава Науру на почетокот од минатата година ја започна програмата „златен пасош“ за да собере пари за голем проект за преселување на населението поради последиците од климатските промени.
Планот вклучува преместување на 90 отсто од семејствата и инфраструктурата од загрозените крајбрежни области во повисоките делови на островот.
Програмата е дел од растечкиот глобален пазар за државјанства добиени преку инвестиции. Ваквите можности привлекуваат богати поединци кои сакаат втор пасош за полесен бизнис, патување и инвестиции.

За слични програми заинтересирани се и граѓаните на неколку африкански земји, вклучувајќи ги Нигерија, Египет, Кенија и Република Јужна Африка, кои бараат полесен пристап до меѓународните пазари и деловни можности.
Програмите за државјанство преку инвестиции постојат и во неколку карипски земји, но тие генерално бараат поголеми суми пари. Минималните инвестиции во овие земји се помеѓу 200.000 и 250.000 долари, во зависност од земјата и избраниот модел.
Колку чини пасошот на Науру?
Кандидатите кои успешно ќе го поминат процесот на проверка кој е состои од четири фази можат да добијат државјанство на Науру со плаќање 90.000 долари за едно лице.
Ова е привремено намалена цена, додека стандардната цена изнесува 115.000 долари.
Наурускиот пасош овозможува патување без виза или виза по пристигнување во повеќе од 85 дестинации, вклучувајќи важни деловни и туристички центри како Сингапур и Хонгконг.

Меѓутоа, добивањето државјанство не им дава на новите државјани право да купуваат земјиште на островот, каде сопственоста на земјиштето останува ограничена.
Сите апликанти мора да поминат безбедносни и други проверки пред да им се одобри апликацијата. Властите тврдат дека целта на овој процес е да се зачува кредибилитетот на програмата.
Со парите го финансираат преселувањето на населението
Програмата е директно поврзана со климатските проблеми со кои се соочува Науру.
Оваа островска земја, која неодамна го промени своето официјално име во Република Наоеро, опфаќа само околу 21 квадратен километар. Децениите експлоатација на фосфат оштетија големи делови од внатрешноста на островот и ги направија несоодветни за понатамошен развој.

Поголемиот дел од населението и инфраструктурата се наоѓаат по должината на брегот, кој станува сè повеќе загрозен поради зголемувањето на нивото на морето.
Според податоците од системот за следење на климатските промени, нивото на морето околу Науру се зголемува побрзо од светскиот просек во последните децении. Затоа поплавите во крајбрежните области стануваат сè почести и поинтензивни, пишува „Бизнис инсајдер Африка“.
Владата проценува дека само првата фаза од преселувањето ќе чини повеќе од 60 милиони долари, додека програмата за продажба на државјанство треба да обезбеди дел од потребните пари.
Безбедносни сомнежи и одбиени барања
И покрај своите климатски цели, програмата предизвика загриженост за потенцијални злоупотреби на пасошите добиени со инвестиции.
Некои влади и експерти за безбедност предупредија дека ваквите документи можат да бидат злоупотребени доколку кандидатите не бидат подложени на темелни проверки.

Како резултат на тоа, Науру воведе построги мерки, вклучувајќи проверки на биографијата на апликантите, континуирано следење и можност за одземање на државјанството за лица за кои е утврдено дека извршиле сериозни кривични дела.
Властите објавија дека ги одбиваат апликациите што не ги исполнуваат условите, но не го објавија вкупниот број на одбиени апликации.
Сомнежите беа дополнително поттикнати од искуството со претходната програма за државјанство што ја спроведе Науру на почетокот на 2000-тите. Програмата подоцна беше прекината по извештаите дека пасошите ги добиле лица поврзани со криминални активности и безбедносни ризици.
Повеќе од 120 одобрени државјанства
И покрај критиките, интересот за програмата не се намалил, а повеќе од 120 државјанства наводно биле одобрени од нејзиното започнување.
Застапниците на програмата веруваат дека таа претставува важен извор на приход за земја која се соочува со егзистенцијална закана поради климатските промени.
Меѓутоа, критичарите го доведуваат во прашање поврзувањето на државјанството со паричните плаќања и предупредуваат дека е тешко да се усогласат економските потреби на земјата со меѓународните безбедносни ризици.













