Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски апелира граѓаните на Гостивар да го испуштаат водата од чешмите за да се забрза прочистувањето на водоводната мрежа, додека водата во градот сѐ уште не е безбедна за пиење и може да се користи само за технички цели.
Граѓаните на Гостивар во наредниот период треба максимално да ја испуштаат водата од чешмите во своите домови за да се забрза прочистувањето на примарната и секундарната водоводна мрежа, апелира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по седницата на Главниот штаб за управување со кризи.
Тој информираше дека водата од градскиот водовод и понатаму не е безбедна за пиење и може да се користи исклучиво за технички потреби. Ограничувањето ќе остане во сила сѐ додека не се добијат три последователни исправни резултати од анализите на сите мерни точки во градот, по што надлежните ќе ја известат јавноста дека водата е безбедна и за консумирање.
Во меѓувреме, надлежните ќе го зголемат интензитетот на контролите на квалитетот на водата. Ќе продолжи и дистрибуцијата на флаширана вода.
Тошковски истакна дека во водоводниот систем се спроведува и хиперхлорирање до максимално дозволеното ниво.






