Синот на Пирс Броснан, Парис, ја има главната улога во новото видео на БМВ (BMW), а неговата впечатлива појава не остана незабележана.
Дваесет и петгодишникот за време на летното патување низ Европа покажа дека од својот славен татко ги наследил шармот, самодовербата и речиси магнетното присуство пред камерите.
Парис Броснан се најде во улога создадена за љубителите на патувања и класични автомобили. За потребите на новата кампања седна зад воланот на „БМВ М3 Кабрио Е30“ и го документираше своето возење низ некои од најубавите европски дестинации.
„Неверојатно, мислам дека тоа е тој. Ќе поминеме неколку километри со него“, рекол на почетокот од видеото, облечен во едноставна црна маица.
Патувањето го започнал во Минхен, по што се упатил кон езерото Гарда и Пјаченца. Потоа следувале Кан, Монте Карло и Монца, а последната станица било живописното Чернобио на брегот на езерото Комо.
„Еден БМВ М3 Кабрио Е30. Седум станици. Илјадници спомени“, порачаа од БМВ под видеото.
Станува збор за кабриолет-верзијата на првата генерација на легендарниот M3, модел кој беше претставен пред јавноста во средината на 1980-тите години, а денес ужива речиси култен статус меѓу љубителите на автомобилите.

Сè повеќе го гради сопствениот пат
Парис во мај се појавил и на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Кан, каде што пристигнал со својата долгогодишна девојка, манекенката Алекс Ли-Ајон.
За таа пригода избрал црн кадифен смокинг од модната куќа Барбери, бела кошула и машна, додека Алекс носела долг темносин фустан украсен со цветни мотиви.

Иако сè повеќе внимание ѝ посветува на актерската кариера, Парис паралелно гради и кариера како визуелен уметник.
Во лондонската галерија Мејфер ја претставил колекцијата „Collective Energy“, во која си поиграл со апстрактни мотиви, бои и мозаици.
За време на „Art Basel Week“ во Мајами одржал и работилница за сликање во живо, а во едно од уметничките дела го вклучил и својот БМВ Е30.

Парис не бега ниту од разговорите за предностите што му ги донело славното презиме.
„Тоа секогаш ќе биде присутно и мора да бидеме свесни за тоа. На крајот од денот, едноставно сме благодарни што сме тука“, изјавил претходно, зборувајќи за обвинувањата за непотизам.













