Српската актерка Марија Петронијевиќ, која стекна голема популарност во регионот со улогата во серијата „Село гори, а баба се чешла“, веќе со години живее далеку од рефлекторите и градскиот живот.
На врвот на својата кариера одлучи да се повлече од јавноста и да се врати во родното село Висибаба, каде што го пронајде мирот во природата и семејниот живот.
Неодамна на своите следбеници на Инстаграм им покажа како ги минува летните денови. Откако засади органски чери домати, дојде време и за бербата, а актерката одлучи дел од плодовите да ги суши на сонце. Дел од тој процес го сподели и на социјалните мрежи.

„Малку да се исушат на сонце“, напиша Марија покрај фотографијата, покажувајќи како изгледа нејзиното секојдневие далеку од градската врева.
Инаку, актерката не бега од ниту една селска работа. Се грижи за добитокот, успешно ги извршува земјоделските работи и одгледува органски зеленчук.

„Моето земјоделско стопанство полека почнува да личи на просечно српско селско домаќинство, во кое има сè што е потребно за среќа и задоволство, но и со постојани обврски од утро до вечер. Тоа е куќа што не се плаши од деновите што доаѓаат, бидејќи нема време за страв – добитокот треба да се нахрани и напои, нивите да се наводнат и исчистат од плевел, овошките да се поткастрат, а плодовите да се наберат“, изјавила претходно за „Блиц“ и открила дека не ѝ било тешко да се приспособи, бидејќи пораснала на село.
Сопругот ѝ е најголемата поддршка
Инаку актерката долго време криела кој е нејзиниот сопруг, со кого има три деца, а неодамна истакнала дека токму тој ѝ е најголемата поддршка.
„Да не беше тој, можеби немаше да има ни земјоделско стопанство, бидејќи секогаш кога ќе се појави некоја криза или тешка одлука што бара рационален пристап, тој е тука. Му го прочитав прашањето, а еве што ми одговори: „Би било сосема во ред медиумите да се занимаваат со мене ако јас бев некој Жан-Пол Сартр, а ти Симон де Бовоар. Тогаш ќе имаше за што да се пишува, дури иако стануваше збор за некаков скандал“ рекла актерката па додала:

„Сè што би било напишано би имало поширока смисла, а вака, што треба да се пишува – колку овци денес морав да бркам со тебе по ливадата или колку млеко дала некоја овца? Почекај додека успееме да издвоиме ланолин со највисок квалитет од волната и неколкупати да го зголемиме нивото на имуноглобулини во колострумот и млекото. Тогаш можеби ќе вреди да се напише нешто за тоа, но не за мене, туку за самиот процес, за и другите да можат да го применат“, раскажала актерката.














