Американската актерка Дона Милс (85), најпозната по улогата на Еби Канингам во серијата „Knots Landing“, отворила профил на платформата Онлифенс (OnlyFans). Како што објаснила, сака на нов начин да се поврзе со своите обожаватели и да им покаже повеќе детали од својот живот и кариера.
На својот профил, Милс планира да објавува снимки зад сцената, моменти од секојдневниот живот и содржини што нема да можат да се видат на другите социјални мрежи. Веста ексклузивно ја објави Варајети, за кој актерката изјавила дека со нетрпение очекува подиректен контакт со публиката.

„Отсекогаш сум ја ценела неверојатната поддршка од моите обожаватели. Социјалните мрежи ми помогнаа да останам во контакт со нив, но му се радувам на Онлифенс бидејќи ми дава можност уште повеќе да им се доближам“, истакнала Милс.
Таа ја започна својата телевизиска кариера во 1966 година со серијата „The Secret Storm“, а светската слава ја стекна со улогата на Еби Канингам во „Knots Landing“. За улогата во серијата „General Hospital“ ја освои наградата Еми, а во последните години се појави и во филмовите „Nope“ и „Origin“.

Онлифенс функционира на принцип на претплата и им овозможува на авторите да објавуваат ексклузивна содржина за следбениците кои сакаат да ја плаќаат. Иако платформата најчесто се поврзува со содржини за возрасни, ја користат и бројни музичари, актери, спортисти и други познати личности кои таму споделуваат фотографии, видеа и снимки зад сцената.
Не планира да го менува својот имиџ
Милс нагласила дека нејзиниот профил нема да претставува отстапување од она по што публиката ја познава.

„Тоа е едноставно уште една платформа на која можам да поминувам време со луѓето кои ме поддржуваат во текот на целата моја кариера, а притоа да останам верна на себе“, објаснила актерката.
Енди Бахман, извршниот директор на компанијата „Creators Inc“ која соработува со автори на Онлифенс, смета дека овој потег покажува дека Милс не се плаши да испроба нешто ново.
„Не станува збор за тоа дека Дона го менува тоа што е. Таа сака на своите долгогодишни обожаватели да им овозможи уште подобар увид во својата личност, животен стил и моментите зад сцената што сакаат да ги гледаат“, изјавил Бахман.

Меѓутоа актерката не открила дали на својот профил ќе објавува разголени фотографии, но рекла дека содржината ќе биде насочена кон нејзиното секојдневие и комуникацијата со следбениците.
Сè повеќе познати личности отвораат профили
Со овој потег Милс им се приклучува на сè поголемиот број познати личности кои го користат Онлифенс за подиректна комуникација со својата публика.
Актерката Шенон Елизабет отвори профил во април и според странските медиуми, во првата недела заработила повеќе од 1,2 милиони долари. Таа објаснила дека била фрустрирана бидејќи во текот на кариерата други луѓе често носеле одлуки наместо неа.
Набргу по неа, на платформата се приклучи и Џејми Присли, која вели дека Онлифенс ѝ овозможува поголема креативна слобода и поблизок однос со обожавателите.
Меѓу познатите личности кои имаат профили на Онлифенс се и Карди Би, Бела Торн, Крис Браун, Лили Ален и Кармен Електра.










