Актерот Бен Афлек освои милион долари во хуманитарното издание на квизот „Кој сака да биде милионер?“. Со тоа се придружи на листата на познати личности кои во популарното шоу го освоиле максималниот износ, пишува „Mirror“.
Напната завршница
Во специјалното издание на квизот, познатите личности играат во пар со искусни квизаџии, а сите освоени средства се донираат во хуманитарни цели. Афлек играл заедно со Џејми Динг, поранешен шампион на квизот „Jeopardy!“. Тие играа за фондацијата „Eastern Congo Initiative“, која Афлек ја коосновал во 2010 година.
Парот стигна до последното прашање за милион долари, кое гласеше: „Во рамките на годишната традиција за Денот на благодарноста, кое од наведените имиња не го носела мисирката што ја помилувал американскиот претседател?“. Понудените одговори беа: Peanut Butter & Jelly, Tater & Tot, Mac & Cheese и Spaghetti & Meatball.
На последното прашање искористија два џокера
Афлек и Динг не беа сигурни во одговорот, па го искористија џокерот „Прашај го водителот“. Водителот Џими Кимел рече дека мисли оти точниот одговор е Д, Spaghetti & Meatball. На тоа Бен му одговори: „Всушност, ти навистина добро се разбираш во храна и актуелни случувања. Би можел да го знаеш ова“.
Кимел потоа се пошегува на сметка на претседателот Доналд Трамп.
„Можам да го замислам Доналд Трамп со голема чинија во рацете како јаде шпагети со ќофтиња“, рече, па додаде: „Тоа ми звучи како одговор што не припаѓа меѓу останатите“.

За да бидат посигурни, решија да го искористат и џокерот „Повикај пријател“. Го повикаа пријателот на Џејми, Стивен Морисон, исто така искусен квизаџија. Џејми притоа се пошегува со водителот:
„Џими, овој мој пријател можеби ќе ти се допадне. Завршил на Харвард, татко е, меѓу нас има разлика од две години. Поминавме низ многу работи заедно, исто како Бен и Мет“.
Кимел алудираше на својата позната лажна расправија со Мет Дејмон и возврати со прашањето: „Дали бараш неволји?“.
Морисон не го знаеше точниот одговор, па Џејми и Бен мораа сами да одлучат. Го избраа одговорот Д, Spaghetti & Meatball, и погодија, освојувајќи милион долари.
Претходни победници
Пријателот на Афлек, Мет Дејмон, истата награда ја освои во 2025 година, кога настапи во пар со Кен Џенингс. Главната награда во историјата на квизот ја освоиле уште неколку познати личности, меѓу кои се ѕвездите од серијата „The Office“ Оскар Нуњез и Кејт Фланери, комичарот Ајк Баринхолц со својот татко Алан, како и готвачот Дејвид Чанг.

Донација за источен Конго
Освоениот износ е наменет за фондацијата „Eastern Congo Initiative“, која Афлек ја основал заедно со Витни Вилијамс. Станува збор за непрофитна организација што им помага на локалните здруженија да го прошират пристапот до основните услуги, да создадат повеќе економски можности и да ја промовираат правдата. На официјалните страници на фондацијата стои:
„Нашата цел е да оствариме мерливо и долгорочно влијание во заедниците ширум источен Конго“.









