Американскиот остров Нантакет, познат по својот старински шарм, во последниве години стана исклучително популарна интернет-дестинација за летен одмор.
Летните гужви сега вклучуваат и бројни креатори на содржини кои ги документираат улиците и рестораните за своите следбеници, но една локална продавница неодамна многу јасно покажа што мисли за таквата промоција, што предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, пишува „BuzzFeed“.
Натпис што поттикна расправата
Продавницата за ракотворби и антиквитети „Four Winds Craft Guild“, која работи од 1948 година, на својот профил на Инстаграм објави фотографија од натписот „Забрането за инфлуенсери“. Објавата брзо се прошири, а меѓу првите реагираше инфлуенсерката Пејџ Пол, која и самата неодамна на островот отворила продавница за својот моден бренд.

Во коментар што подоцна бил избришан, Пол напишала: „Ако се нарекувате феминистка, а гордо поставувате натпис ‘Забрането за инфлуенсери’, треба да се запрашате кого се обидувате да делегитимирате и зошто...“.
Таа смета дека исмејувањето на жените кои стануваат успешни во нова индустрија не е ништо ново: „Тоа е едноставно чудна порака од продавница што го слави занаетот со толку богата историја на жени кои го обликувале овој остров и неговата економија“.
Критики од други креатори на содржини
По нејзината критика, оригиналната објава на продавницата наводно била пријавена и отстранета од Инстаграм.
Сопственикот, сепак, повторно ја објавил со опис: „ВТОР ОБИД“. Во коментарите се јавија и други креатори на содржини, а многумина ги поддржаа ставовите што ги изнесе Пол. Џојс Шабот, позната на ТикТок, смета дека е иронично да се мразат инфлуенсери на социјалните мрежи.
„Оваа индустрија им овозможи на младите жени од ништо да изградат свои заедници. Им даде можности за кои многу жени не можеле ни да сонуваат. Ако ви пречат светлата и снимањето во продавницата, тоа е разбирливо. Но, поставувањето натпис со кој се понижува цела индустрија, составена претежно од жени, не е во ред“, напиша Шабот и порача дека натписот „забрането фотографирање“ би бил сосема доволен.
Со тоа се согласија и други, кои сметаат дека истата цел можела да се постигне без издвојување на група што во најголем дел ја сочинуваат жени. Креаторката Стефани Хана напиша дека натписот го видела во живо и дека поради него „веднаш се почувствувала непријатно“. Креаторката од Њујорк, Лив Шрајбер, коментираше: „Зарем ова буквално не е дискриминација? Само кажете дека фотографирањето е забрането“.
Сопственикот ја брани својата одлука
И покрај критиките, сопственикот на продавницата, Џон Силвија, го бранел својот потег во медиумите. За „The Cut“ изјави дека не е „против инфлуенсерите“ и дека натписот го замислил како шега. Сепак, во разговор за „The New York Times“ подетално ја објаснил својата фрустрација.
„Понекогаш имам чувство дека мојата продавница се користи само како нечија позадина, како сцена“, рече Силвија.
Во коментарите на профилот на продавницата на Инстаграм, многумина му дадоа поддршка: „Единствените на кои им пречи ова се инфлуенсерите“, „Сите инфлуенсери што се навредија поради ова се толку несигурни“, „Го обожавам ова. Ни требаат помалку вообразени инфлуенсери кои го загадуваат просторот со својот консумеризам и алчност“.














