Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека министерот за здравство Венко Филипче бил вклучен во труење на граѓаните со неисправна вода преку години и не постапувал по пријави од институции, повикувајќи на целосно расчистување на случајот и одговорност.
Венко Филипче се обидува да се претстави како најголем заштитник на јавното здравје, додека во периодот кога тој беше министер за здравство, институциите пријавувале бројни случаи на неисправна вода, а Филипче како министер не постапувал, кажа на прес-конференција Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се поставува легитимното прашање. Кој знаел, кој одлучил да не ги информира граѓаните и зошто тие информации останале скриени?
2021-та година, ова се неколку испитувања, водите не биле безбедни во Студеничани, Зелениково и Петровец. Ова се документи кои стигнале до Министерството за здравство, а Венко Филипче не ги известил граѓаните. Тука конкретно освен пронајдокот на бактеријата Ешерихија Коли има и пронајдоци на зголемен број на колиформни бактерии исто како во Гостивар. Но, вие граѓаните тоа не сте го знаеле и никој не ве известил. Социјалдемократскиот сојуз говорат за Крушево. Исто од Јавната здравствена установа, Центар за јавно здравје Прилеп, 2019-та година. Станува збор за повеќе испитувања, наоди во коишто се вели дека мострите кои се земени не биле исправни, односно водата не била за користење, односно не била за пиење. И тоа се неколку повеќе вакви документи кои се дел од 2019-та, некои 2018-та, сето ова време додека Венко Филипче е министер за здравство, а Социјалдемократскиот сојуз се на власт“.
Како што посочи Манасиевски токму во Скопје била земена мостра во Аеродром во бушен бунар чешма, која покажала дека не одговара на Правилникот за безбедност на вода токму поради зголемен број на колиформни бактерии.
„Истото она што се случува во Гостивар. Граѓаните завршувале по болници, не знаеле што им е, но Филипче знаел.
Наместо денес да дели лекции и да шири политички обвинувања, Филипче најпрво треба да им даде одговор на граѓаните зошто не постапувал по пријавите на институциите додека тој бил на чело на Министерството за здравство“.
Манасиевски потенцира дека очекуваат надлежните органи целосно да го расчистат случајот и да утврдат дали имало пропусти и очекуваат одговорност.
„Граѓаните ја заслужуваат вистината, а не селективна загриженост која се појавува само кога Филипче е во опозиција“.











