Граѓаните ги чека тежок септември, животниот стандард продолжува да паѓа, вели Филипче

Макфакс

31/07/2026

15:00

251

Големина на фонт

а а а

Венко Филипче предупредува дека граѓаните ги чека тежок септември со продолжен пад на животниот стандард поради недостаток на владини мерки за заштита од високите цени на храната, горивата и другите трошоци, додека регионалните и глобалните кризи дополнително ја влошуваат економската ситуација.

На денешниот брифинг за медиуми, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупреди дека жизнениот стандард ќе продолжи да паѓа и дека граѓаните ги чека тешка есен. Говорејќи за економската и социјалната состојба во државата, Филипче нагласи Владата нема никакoв план како да ги заштити граѓаните од новиот ценовен удар што се заканува наесен.

„Наместо мерки за заштита на животниот стандард, власта ги остава граѓаните сами да се справуваат со растот на цените на храната, скапите горива и сè поголемите трошоци за живот“, рече Филипче.

Тој посочи дека регионалните и глобалните случувања дополнително можат да ја влошат економската состојба, а Владата не презема никакви мерки за да ги заштити граѓаните од нови поскапувања.

„Во септември очекувам да има голема криза. Знаете дека има екстремно низок водостој на Дунав, прогласена е кризна состојба и во Србија и во Унгарија. Унгарија гаси дел од нуклеарните постројки за производство на струја поради тоа што нема вода за ладење. Можеби тоа дополнително ќе влијае на цената на струјата во регионот. Не знаеме како ќе се одвива ситуацијата со војната во Иран. Ако тоа не се смири, гледаме дека горивата растат. Никакви мерки нема за граѓаните. Очекувам голема криза“, рече Филипче.

На брифингот Филипче предупреди дека најтешкиот удар врз семејните буџети на граѓаните ќе дојде во септември, кога граѓаните ќе се соочат со дополнителни трошоци, а Владата, како што кажа, не најавува ниту повисоки плати, ниту мерки за ублажување на ценовниот шок.

„Кога ќе почне септември, почнуваат трошоците за училиштата. Нема никаква најава за зголемување на платите. Што ќе биде со горивата? Дали ова поскапување повторно ќе повлече нова спирала поскапувања? Гледате што се случува со цените во маркетите. Голема криза ќе биде. Мислам дека цените повторно ќе пораснат со ова последно зголемување на цените на горивата. Никој не ги контролира цените и тие растат. Никој не презема мерки“, рече Филипче.

Воедно, Филипче укажа дека власта се обидува преку административни трикови да ја прикрие реалната состојба со животниот стандард, наместо да понуди вистинска помош за граѓаните.

„Ниту една цена не замрзнаа. Уште ќе ја скрателе синдикалната кошничка. Не ги контролираат цените, а ќе ја скратат синдикалната кошничка. Што е работата? Да се направи трик. Нема никаква тенденција, ниту план за зголемување ниту на платите, ниту на пензиите. Сето тоа ќе донесе многу голем немир кај населението“, рече Филипче.