„NASA“ на Марс пронајде подрачје покриено со необични шестоаголници

Точка

30/07/2026

21:02

469

Големина на фонт

а а а

Роверот „Curiosity“ на „NASA“ на Марс откри досега невидено пространо подрачје покриено со полигонални шари. Станува збор за структури кои потсетуваат на саќе, а научниците се изненадени од нивната распространетост. Пречникот на поединечните полигони изнесува меѓу пет и десет сантиметри, пишува „Futurism“.

Таканаречените „полигонални пукнатини“ и претходно биле забележани на Марс, но никогаш не покривале толку голем дел од пејзажот. Роверот наишол на нив додека се искачувал по подножјето на пет километри високата планина Mount Sharp, која ја истражува уште од 2014 година.

„Ова море од полигони навистина нè импресионираше“

Камерата „Mastcam“ на „Curiosity“ го фотографирала теренот дел по дел додека роверот се наоѓал во долината Valle Grande на Марс. Вкупно биле снимени 340 фотографии, кои подоцна биле испратени на Земјата и компјутерски споени во една широка панорамска фотографија. Од „NASA“ наведуваат дека панорамата била снимена на 19 и 20 јуни 2026 година, за време на 4.930-от и 4.931-от марсов ден од мисијата.

„Иако низ очите на „Curiosity“ видовме многу фасцинантни призори, ова море од полигони навистина нè импресионираше“, изјави Ашвин Васавада, научник на проектот во Лабораторијата за млазен погон (JPL) на „NASA“. „Внимателно ги мериме нивните форми и хемискиот состав, а се надеваме дека собраните податоци ќе откријат траги за тоа како настанале овие структури“, додаде тој.

Полигоналните текстури на Марс најчесто претставуваат пукнатини во калта. Начинот на кој настанале открива важни информации за геолошката историја на планетата. Формите што потсетуваат на саќе можат да се создадат при исушување на водата, што предизвикува собирање на седиментите, или да бидат обликувани од екстремни температурни промени. Со проучување на овие појави, научниците се надеваат дека ќе успеат да откријат како течната вода некогаш ја обликувала површината на Марс.