За еден месец Task Force за дрога: запленети над 43 кг марихуана, приведени 241 лице

Макфакс

30/07/2026

18:41

194

Големина на фонт

а а а

Во првиот месец од формирањето на Работниот тим за борба против дрога, Министерството за внатрешни работи реализира силни акции низ целата држава со цел сузбивање и откривање на недозволена трговија, запленувајќи над 43 килограми марихуана и приведувајќи 241 лице.

Еден месец по формирањето на Работниот тим (Task Force) за сузбивање на недозволената трговија со дрога, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се реализирани повеќе координирани акции низ државата, при што се запленети над 43 килограми марихуана, а приведени се 241 лице.

Според МВР, во изминатиот месец бил пресечен и меѓународен транспорт на околу 25 килограми марихуана на граничниот премин „Деве Баир“, како дел од активностите насочени кон откривање на дилерски мрежи, прекинување на каналите за снабдување и спречување на понатамошна дистрибуција на наркотични дроги.

Во акциите се запленети 43,3 килограми марихуана, 693,37 грама кокаин, 141,42 грама хашиш, 691,34 грама амфетамин, 50 грама халуциногени печурки, 541 таблета екстази, 69 ЛСД таблети, 14 таблети МДМА, како и 116 паковки со растителна, прашкаста и грутчеста материја за кои се вршат вештачења.

Во истиот период се поднесени 21 кривична пријава против 29 лица, извршен е 131 претрес на домови и други простории, 935 прегледи на возила и 1.078 прегледи на лица.

Од МВР посочуваат дека особено значајни резултати се постигнати на подрачјето на СВР Скопје, каде при претресите, покрај наркотичните дроги, биле пронајдени и одземени 2.900 евра, 100 швајцарски франци, 58.000 денари, два пиштоли и шест дигитални ваги, кои претставуваат материјални докази во кривичните постапки.

Во рамките на активностите на Работниот тим било пронајдено и повторно лишено од слобода 41-годишно лице од Кочани, по кое била распишана меѓународна потерница, откако претходно избегало од полициска станица каде било приведено поради сомнение за недозволена трговија со дрога.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека активностите на Работниот тим ќе продолжат со засилен интензитет преку координирани акции, финансиски истраги и меѓународна полициска соработка.