Романија наскоро би можела повторно да излезе на избори, а во центарот на политичката криза се најде лидерот на крајнодесничарската партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџ Симион, кој жестоко го напаѓа Брисел, се залага за предвремени избори и тврди дека Европската Унија „ја уништува Европа“.
Како што пишува „Политико“, Симион смета дека Романија треба да се сврти кон моделот на Европа на суверени држави и порачува дека граѓаните треба сами да одлучат за иднината на земјата.
Романија веќе со месеци се наоѓа во политички ќор-сокак по падот на владата во мај, а преговорите за формирање нова извршна власт засега не донесоа резултат. Во такви околности, Симион, чија партија убедливо води според анкетите, сè погласно бара распишување предвремени парламентарни избори.

Во разговор со „Политико“, за време на престојот во Лондон на конференцијата на конзервативните активисти ЦПАЦ ГБ, Симион не штедел на критики на сметка на европските институции.
„Она што сакаат да го направат во Брисел е да ја уништат Европа. Сите мерки донесени во последните 15 до 20 години ја уништија европската економија. Се движиме во целосно погрешна насока“, изјавил тој.
Триесет и деветгодишниот Симион, кој политички се профилирал како националист близок до американскиот претседател Доналд Трамп, го критикувал Европскиот зелен договор, како и економските и одбранбените политики на Европската Унија, порачувајќи дека Романија не сака повторно да биде под доминација на големите сили.

„Бевме под власт на диктатори какви што имавме во Русија и Советскиот Сојуз, но и под диктаторски тенденции од Германија. Сакаме да бидеме дел од Европа составена од слободни и суверени држави“, истакнал тој.
Иако себеси се опишува како „еврореалист“, а не евроскептик, неговите изјави во последните години предизвикуваат загриженост во Брисел. За време на претседателската кампања минатата година, отворено ја презел реториката на Доналд Трамп, а исто така се залагал и за прекин на воената помош за Украина.
Политичката криза трае уште од мај, кога АУР заедно со социјалдемократите ја соборија дотогашната либерална владејачка коалиција. Преговорите за формирање нова влада заглавија пред летната парламентарна пауза, па решение не се очекува пред есен.

Симион тврди дека постои само еден излез.
„Ако таканаречените проевропски елити немаат решение, единственото уставно решение се предвремени избори. Во 35 години од таканаречената демократија, Романија никогаш не одржала предвремени парламентарни избори“, нагласил тој.
Тој особено ги критикувал настаните од декември 2024 година, кога романскиот Уставен суд ги поништил претседателските избори поради сомнежи дека голема странска операција за влијание му помогнала на крајнодесничарскиот кандидат Калин Георгеску, кој неочекувано победи во првиот круг од изборите.
Во меѓувреме, Георгеску е обвинет за обид за државен удар и против него се води судска постапка во Букурешт, но и натаму ужива голема поддршка од дел од гласачите.
„Сакам да видам демократија во Романија. Демократијата е укината уште од декември 2024 година. На луѓето треба што поскоро да им се овозможи да гласаат. На граѓаните треба да им се верува, бидејќи тие секогаш се во право“, изјавил Симион.

На повторените претседателски избори тој загуби во вториот круг од сегашниот претседател Никушор Дан, градоначалникот на Букурешт, кого денес го смета за главен виновник за политичкиот хаос.
„Тој го создаде овој хаос. Сакаше да се ослободи од премиерот Илие Боложан, но нивниот план не успеа“, тврди Симион.
Претседателот Дан и центристичките партии тврдат дека АУР претставува закана за европскиот и прозападниот курс на Романија и предупредуваат дека владата предводена од Симион би била премногу наклонета кон Москва. Тој категорично ги отфрла таквите обвинувања.
„Европа е во Лондон, Варшава, Будимпешта и Букурешт, а не во Брисел. Сакаме обединета Европа што носи просперитет, додека НАТО е единствената гаранција за безбедноста и зачувувањето на слободниот свет“, истакнал тој.

Според агрегатот од анкетите што го следи „Политико“, партијата АУР на Симион моментално ужива поддршка од околу 36 отсто од гласачите, што е дури 14 процентни поени повеќе од Националната либерална партија на поранешниот премиер Илие Боложан.
Токму поради ваквите бројки, претседателот Дан и останатите проевропски партии настојуваат да избегнат предвремени избори и да пронајдат ново парламентарно мнозинство. Но, претседателот е под сè поголем притисок откако пропаднаа двата обида за именување нов премиер.
Симион веќе покренал иницијатива за отповикување на претседателот и порача дека е уверен оти неговата партија ќе победи доколку сепак се одржат предвремени избори.
„Оваа партија ја основавме пред шест години. Сите мислат дека зад нас стојат Западот, Истокот, Израел или Русија, но зад нас стојат само Бог и една многу неспособна политичка елита“, заклучил тој.















