Славната пејачка проговори за животот со Паркинсонова болест: „Тешко е, фрустрирачки и застрашувачки“

Точка

29/07/2026

16:20

266

Големина на фонт

а а а

Легендарната американска кантавторка Карли Сајмон откри дека ѝ е дијагностицирана Паркинсонова болест и дека во последните години тивко учела како да се справи со оваа тешка дијагноза.

Музичката икона, најпозната по големиот хит „You’re So Vain“ од 1972 година, веста ја споделила во емотивно соопштение, откако многубројни обожаватели ја прашувале зошто толку ретко се појавува во јавноста.

„Многумина ме прашуваа зошто толку ретко се огласувам и како сум. Вистината е дека учев како да живеам со Паркинсоновата болест“, напишала Сајмон.


Пејачката признала дека ѝ било потребно време за да ја прифати дијагнозата, но истакнала дека болеста не се манифестира исто кај сите луѓе кои се соочуваат со неа.

„Некои денови сум толку изморена што едвај успевам да го започнам денот. Други денови имам повеќе сила да се движам, да размислувам и повторно да се чувствувам како самата себе“, објаснила таа.

Проблемите со движењето довеле до дијагнозата

Сајмон откри дека лекарите почнале да се сомневаат дека постои проблем откако тешкотиите со подвижноста продолжиле и по операциите за замена на двете колена и едниот колк.

По деталните прегледи на клиниката „Мејо“, било потврдено дека боледува од Паркинсонова болест.


Покрај оваа дијагноза, кантавторката претходно се соочила и со базоцелуларен карцином на кожата, кој успешно бил отстранет со хируршка интервенција.

Зборувајќи за последиците од операцијата, признала дека таа влијаела врз нејзината самодоверба и односот кон сопствениот изглед.


„Операцијата го промени мојот изглед и направи да се чувствувам несигурно кога треба да се појавам во јавност. Отсекогаш сум била построга кон својот изглед отколку што кој било би можел да замисли, што е прилично иронично ако се сетите дека ја напишав песната ’You’re So Vain‘“, се пошегувала пејачката.

Музиката ѝ дава сила

Иако во последните години се повлекла од јавноста, Карли нагласи дека никогаш не се откажала од музиката.


Откри дека го завршила новиот албум „Comes in Waves“, кој ќе биде нејзин прв студиски албум по изданието од 2008 година.

„Музиката ми даде причина да продолжам понатаму. Болеста може да ви го промени животот, но не мора да стане целиот ваш живот“, истакнала таа.

Сајмон признала дека Паркинсоновата болест не ја доживува како подарок или благослов, туку како предизвик со кој секојдневно се обидува да се избори.

„Тешка е, фрустрирачка и понекогаш застрашувачка. Сè уште учам како да живеам со неа. Деновиве се движам побавно и повеќе се потпирам на другите отколку порано, но јас сè уште сум тука“, заклучила легендарната пејачка.