Актерката Никол Кидман не му дозволила на режисерот Ли Даниелс од филмот „The Paperboy“ да ја исфрли една од најконтроверзните сцени во историјата на современата кинематографија.
Повеќе од една деценија по премиерата, деталите од снимањето на еротскиот трилер „The Paperboy“ и понатаму ја шокираат јавноста.
Никол Кидман во ова остварување ја толкува Шарлот Блес, дрска, отворена и сексуално провокативна жена опседната со затвореници осудени на смрт. Покрај неа, актерската екипа ја сочинуваат и Зак Ефрон, Метју Меконахи и Џон Кјузак, но најголемата бура и неверување предизвика сцената во која нејзиниот лик му помага на младиот Џек (Ефрон), откако во морето ќе го опече медуза.
За да му ги ублажи неподносливите болки, Шарлот пред собраните капачи на плажата уринира врз него. Оваа сцена, според зборовите на членовите на филмската екипа, е снимена целосно автентично, без какви било специјални ефекти.
Режисерот Ли Даниелс подоцна отворено призна дека за време на монтажата му станало исклучително непријатно и дека сериозно размислувал да ја исфрли сцената од верзијата на филмот подготвена за престижниот филмски фестивал во Кан. Иако за време на самото снимање му имала смисла, додека седел на монтажната маса му изгледала премногу експлицитна и вулгарна.
Меѓутоа, Никол Кидман воопшто не се согласила со таа идеја. Таа му се јавила на режисерот и одлучно го потсетила дека токму тој инсистирал на таа сцена. Сметала дека, кога работата веќе е завршена и актерски изнесена, не треба да се „крева рачна“ ниту да се отстапува од првичната визија.

Нејзината остра интервенција вродила со плод, сцената останала недопрена, а филмот премиерно беше прикажан на Филмскиот фестивал во Кан во мај 2012 година, каде што предизвика вистински шок.
Кидман подоцна објаснила дека спорниот момент бил составен дел од сценариото уште од самиот почеток, истакнувајќи дека покрај Ефрон се чувствувала целосно безбедно на снимањето, иако останала затечена од брзината со која снимките и полемиките се прошириле на интернет.
Позната по својата целосна посветеност на улогите, како онаа во филмот „The Hours“, кога учела да пишува со десната рака иако е левучарка за уверливо да ја одглуми Вирџинија Вулф, Кидман ниту во „The Paperboy“ не останала во своето вообичаено издание. Целосно го променила својот физички изглед, акцентот и држењето.
Дејството на филмот е сместено на Флорида кон крајот на 1960-тите години. Новинарот Ворд Јансен (Меконахи) го истражува случајот на Хилари Ван Ветер (Кјузак), осуденик на смрт, за да открие дали неправедно е обвинет. Во истрагата му помагаат помладиот брат Џек (Ефрон) и Шарлот, која сака да ја докаже невиноста на својот затворенички свршеник за да се омажи за него. Истрагата набрзо ги отвора вратите кон корупцијата, насилството и мрачните тајни.










