Валинчиќ со мајсторски гол го комплетираше чудесниот пресврт на Динамо во ЛШ

Дерби

29/07/2026

11:39

233

Големина на фонт

а а а

Динамо беше пред елиминација од швајцарски Тун на домашен терен и се чинеше дека е пред сигурно збогување со Лигата на шампиони, но кога работите изгледаа најтешко на теренот, гостинскиот тим остана без стрелецот на вториот гол и тука почна да се буди надежта на Хрватите.

По првиот меч кој заврши 1:1, Тун водеше со 0:2 на „Максимир“ и се беше во најдобар тек на Швајцарците до 67-та минута, а тогаш црвен картон заработи Бурки.

Исклучувањето на стоперот резултираше со голема иницијатива на Динамо кој успеа да се врати и да постигне два гола за продолжение, по што следеше уште поголема опсада во дополнителните 30 минути.

Тун одлично се бранеше до 112-та минута, а тогаш мајсторски гол постигна Валинчиќ кој предизвика и голема еуфорија на трибините.

Фудбалерот на Динамо претрча 50-тина метри и испорача неодбранлив удар, па со оваа мајсторија беше комплетиран големиот пресврт за пласман во третото квалификациско коло во Лигата на шампиони.