[ФОТО] Се сончаат, а во позадина - апокалипса: Оваа фотографија од Франција го обиколи светот и сите зборуваат за морничавата симболика

Точка

28/07/2026

19:02

447

Големина на фонт

а а а

Фотографија направена за време на катастрофалните шумски пожари во францускиот департман Жиронда стана вирална на социјалните мрежи и се претвори во симбол што многумина го толкуваат како метафора за човечката рамнодушност кон климатските промени, пренесува „Ле Паризиен“.

На фотографијата се гледаат портокалов чадор за сонце, две лежалки и пар туристи кои мирно седат покрај брегот на езерото Лакано, додека во далечината се издига огромен облак од густ чад. Автор на фотографијата е Максимилиен Лами, уредник на фотографија во агенцијата Франс прес, кој на 24 јули престојувал на одмор со својата ќерка.


Неговата серија фотографии брзо го привлече вниманието на јавноста поради силниот контраст меѓу безгрижната атмосфера на плажата и драматичната сцена што се одвива во позадина, разликувајќи се од вообичаените фотографии снимени директно на пожариштето.

Лами раскажува дека околу 14 часот се паркирал во близина на плажата и, кога сфатил дека пожарот сè повеќе се шири, решил накратко да застане и да јаде пред да замине.

„Одев по плажата и со мобилен телефон ги фотографирав капачите. Некои беа запрепастени, други едноставно продолжија со тоа што го правеа. Сцената изгледаше апокалиптично, а светлината поради чадот беше неверојатна. Веднаш сфатив дека се наоѓам на вистинското место во вистинскиот момент“, изјавил Лами.



Тој објаснил дека веднаш го забележал впечатливиот контраст меѓу мирната сцена на плажата, чадорот за сонце и апокалиптичната глетка во позадина.

„Фотографијата ја направив затоа што веднаш го забележав контрастот меѓу нивното однесување, чадорот за сонце и апокалиптичната сцена зад нив. Сакав токму тоа да го доловам – силната симболика на моментот.“

Сепак, фотографот нагласува дека не сака да ги осудува луѓето кои се нашле во кадарот.




„Не ги осудувам бидејќи не знам што размислуваат во тој момент. Дали не им е грижа или едноставно се чувствуваат немоќно?“

Неколку метри подалеку, на плажата можело да се види човек како турка количка со сладолед, други капачи од далечина го фотографирале пожарот, а еден маж мирно влегувал во водата.

Лами признава дека во тој момент бил целосно исклучен од дневните вести и не ги видел фотографиите што неговите колеги од Франс прес ги снимиле на самото место, заедно со пожарникарите.


„Секоја чест за колегите фотографи кои беа со пожарникарите. Видов многу извонредни фотографии. Можеби јас едноставно имав среќа што ја раскажав приказната од поинаков агол“, заклучил тој.

Пожарот во близина на Сомос се смета за еден од најразорните шумски пожари во Франција од крајот на Втората светска војна.



Според последните информации, огнената стихија во Жиронда делумно или целосно уништила околу 42.000 хектари вегетација, а како мерка на претпазливост биле евакуирани најмалку 220.000 жители.