Расправата дали треба да се остава бакшиш повторно се разгорува секое лето. Со почетокот на туристичката сезона, социјалните мрежи се преплавени со приказни за бакшиш, а една објава од Црна Гора во последните денови предизвика илјадници коментари.
Сè започнало со објавата на Инстаграм-профилот „Podgorički vremeplov“. Келнерка од еден ресторан во Тиват се пожалила дека двајца странски гости, по сметка од 26,70 евра, ѝ оставиле бакшиш од само пет центи. Нејзината објава брзо се проширила на социјалните мрежи и регионалните портали, отворајќи го старото прашање – дали бакшишот е прашање на култура и пристојност или исклучиво добра волја на гостите?
„Навистина се шокирав“
Келнерката во објавата опишала што се случило и признала дека симболичниот бакшиш ја изненадил.
„Работам како келнерка во ресторан. На една маса седнаа двајца странци, јадеа и пиеја, а кога дојде време за плаќање, им го вратив кусурот. Откако си заминаа, пријдов до масата и видов дека ми оставиле бакшиш од само пет центи. Навистина се шокирав“, напишала таа.
Иако очекувала поддршка, реакциите на социјалните мрежи отишле во сосема поинаков правец.
Многумина немале разбирање
Повеќето корисници истакнале дека бакшишот не е обврска и дека гостите не се должни да остават ниту еден цент.
„Што се жалат келнерите… Работам во кујна и ниту еден келнер никогаш не ми дал ниту две евра од бакшишот. Најчесто го добиваат благодарение на нашата работа, а кујната не добива ништо. Да добиела пет евра, сигурно немаше да се жали. На крајот на краиштата, никој никому не е должен да остави бакшиш, ниту некаде пишува дека мора“, напишала една корисничка.
Слично мислење имал и друг корисник.
„Не знам од каде ви е идејата дека гостите се должни да ви оставаат бакшиш. Всушност, не морале да ви ги остават ниту тие пет центи“, истакнал тој.
Некои отишле и чекор понатаму, заклучувајќи дека келнерите имаат нереални очекувања.
„Работиш за плата, а бакшишот е прашање на добра волја. Ако не ги сакаш, фрли ги, но тогаш фрли ги и десетте евра кога некој ќе ти ги остави“, напишал еден корисник.
Друг бил уште поостар:
„Најдобро би било сите да ви оставаат по 100 евра. Веројатно сте докторирале и спасувате животи, па покрај тоа очекувате и бакшиш“.











