Жена од Србија, Вања Васиќ, сподели необично животно искуство кое привлече големо внимание кај корисниците на социјалните мрежи. Имено, таа се омажила и го родила своето дете истиот ден.
Својата приказна ја раскажала во видео објавено на социјалните мрежи, каде открила дека свадбата воопшто не била дел од нивните планови.
Како што раскажала, терминот за породување ѝ бил на 21 јули, а таа и нејзиниот сопруг не планирале да организираат свадба пред доаѓањето на бебето.
Идејата за склучување брак се појавила ненадејно, и тоа по предлог на нејзиниот свекор. По разговорот, одлучиле да организираат едноставна граѓанска венчавка, не насетувајќи дека токму тој ден ќе се случи уште еден голем животен момент.
„Не планиравме свадба, не ни беше толку важна. Си мислев, каде сега да се мажам, во поодмината бременост и со толкав стомак. Но, мојот драг свекор, чичко Боле, ми рече: „Ајде венчајте се“. И си помислив, зошто да не“, рекла таа.
Денот кој требало да биде резервиран само за венчавката многу брзо се претворил во двојна прослава.
„Завршивме сè, седнувам во автомобилот и почувствував дека нешто е мокро. Ми пукна воденикот. Наместо во болница, продолжив кон општината“, раскажала Вања.
Истиот ден на свет дошло и нивното бебе, па семејството во иднина на истиот датум ќе ја одбележува годишнината од бракот и роденденот на своето дете.
Објавата на Вања набрзо собра бројни прегледи, коментари и честитки. Многумина истакнаа дека станува збор за уникатна и емотивна животна приказна, додека други напишаа дека малкумина можат да кажат дека во еден ден доживеале два толку големи животни настани.











