Вест Хем се покажа како најголемо разочарување минатата сезона и на крајот ја загуби битката со Тотенхем која носеше спас во Премиер лигата, а испаѓањето во Чемпионшип автоматски значеше дека голем број ѕвезди ќе мора да го напуштат клубот.
Поради намалениот буџет, „чеканите“ беа приморани да слушаат понуди за своите најплатени играчи, па иако се очекува да останат важни играчи како Боуен и Соучек, клубот веќе значително го ослободи финансискиот товар со продажба на двајцата кои најдобро котираа на трансфер пазарот.
Матеус Фернандеш втора година по ред направи трансфер од клуб кој испадна во Чемпионшип во друг кој се натпреварува во Премиер лигата, со тоа што овојпат неговиот трансфер достигна неверојатни 99 милиони евра.
Тотенхем го одврза ќесето и искешира речиси 100 милиони евра за играчот за врска, кој минатата година го засили Вест Хем од испаднатиот Саутемптон за 52 милиони евра.
Оваа продажба не е единствената која означува рекорд за еден испаднат клуб од Премиер лигата, бидејќи заминувањето на Кришенсио Самервил носи импозантна заработка за Вест Хем кој сега ќе може да состави речиси цел нов тим со сумата која ја доби.
Трансферот на Самервил во Ал Хилал изнесува околу 70 милиони евра, па продажбата на овие двајца фудбалери постави нови стандарди во англискиот фудбал кога е во прашање клуб кое важи за второлигаш.
Рекордните бројки донесоа финансиски „џек-пот“ за „чеканите“, кои сега собраа доволно парични средства за да состават тим кој ќе конкурира за експресно враќање во елитата.








