[ФОТО/ВИДЕО] Пожарите во Франција и Шпанија се надвор од контрола – евакуирани се над 220.000 луѓе

Макфакс

25/07/2026

13:11

416

Големина на фонт

а а а

Катастрофалните шумски пожари во југозападна Европа принудија власти во Франција и Шпанија да евакуираат над 220.000 луѓе. Во Франција пожарите уништија големи површини на шума и предизвикаа сериозни штети, додека во Шпанија е прогласена вонредна состојба поради ширењето на пожарите околу Мадрид.

Поради катастрофалните шумски пожари што беснеат во југозападна Европа, властите во Франција и Шпанија наредија евакуација на повеќе од 220.000 луѓе. Само во Франција, речиси 60.000 жители мораа да ги напуштат своите домови во близина на Бордо, а претседателот Емануел Макрон ја ангажираше и војската во борбата против огнената стихија.


Во меѓувреме, ситуацијата е драматична и во Шпанија, каде што три големи пожари западно од Мадрид се споија во еден огнен фронт што пожарникарите повеќе не можат да го контролираат. Шпанската влада прогласи вонредна состојба на национално ниво, а со евакуацијата на 25.000 луѓе, на речиси 40.000 жители им беше наложено да не ги напуштаат своите домови.

Во југозападна Франција, во регионите Жиронд и Ланд, властите евакуираа околу 200.000 луѓе. Рано утрово, четири градови во близина на Бордо  со вкупно население од 58.400 жители – беа евакуирани како мерка на претпазливост.

Пожарот во Жиронда проголта повеќе од 19.000 хектари шума и уништи околу осумдесет куќи. Властите, исто така, го евакуираа целиот полуостров Кап Ферет, популарна туристичка дестинација, од која стотици луѓе избегаа со бродови.


Шефот на противпожарната служба Марк Вермелен соопшти дека условите се потешки отколку за време на катастрофалните пожари во 2022 година, бидејќи сушата дозволува пожарите да се шират преку ноќ.

„Никогаш не сме виделе  пожар од ваков размер“, изјави францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез за телевизијата TF1, додавајќи дека околу 50 пожарникари се повредени. Тој изјави дека самиот пожар создава услови за сопствено ширење и го менува својот правец, а ввчера вечер се движеше кон исток, во правец на Бордо. 


Појужно, друг голем пожар во близина на Бискарос во регионот Ланд принуди повеќе од 23.000 луѓе да ги напуштат своите домови, кампови, дом за стари лица и летен камп. Градоначалникот на една од најтешко погодените области, Леж-Кап Ферет, Филип де Гоневил, рече дека регионот е и половина ден се соочува со екстремно време, без дожд и со надпросечни температури.