Анализирани 100.000 песни од 3.000 видови птици: Сите се составени од осум основни мотиви -покажа истражување на научниците

Точка

25/07/2026

11:42

523

Големина на фонт

а а а

Тим научници од Франција ја анализирал песната на повеќе илјади видови птици и ги открил основните градбени елементи на нивната неверојатна разновидност, пренесе Би-би-си.

Истражувачите анализирале повеќе од 100.000 песни од 3.000 видови птици и откриле дека сите тие се составени од осум основни типови звуци, кои ги нарекле мотиви.

Според нив, секоја песна е комбинација од овие мотиви, а тие вклучуваат три вида трилери, три вида свирежи, хаотични тонови и хармонии.

Птичјата песна претставува една од најсофистицираните форми на звучна комуникација во природата, а нејзината разновидност и сложеност отсекогаш ги фасцинирале биолозите. Сепак, поради огромниот број различни песни, досега било многу тешко да се проучува на глобално ниво.


Водечкиот истражувач и докторанд на Универзитетот „Сент-Етјен“, Квентан Бакле, истакнал дека таа разновидност е огромна.

„Ако отидете во Азија, Африка или Амазонија, ќе слушнете сосема поинакви мелодии“, објаснил тој.

Во новата студија, објавена во научното списание „Сајанс“ (Science), тој и неговите колеги користеле глобална база на податоци за птичји песни, која содржи снимки поставени од илјадници волонтери. Благодарение на тоа, тие анализирале околу 116.000 песни од повеќе од 3.000 видови птици.

Потоа ги проучувале шаблоните во песните, односно начинот на кој секоја песна се менувала и се развивала со текот на времето. Со помош на вештачка интелигенција, успеале да споредат илјадници песни меѓусебно и да го откријат она што ги поврзува.


Клучното откритие било дека средината во која птиците еволуирале – од тропски шуми до предели со умерена клима – го обликувала начинот на кој тие ги „компонираат“ своите песни.

Така, птиците приспособени на тропските шуми користат поинакви акустични градбени елементи, односно мотиви, во споредба со оние што живеат во региони со умерена клима.

Бакле објаснил дека поедноставните мотиви, како што се рамните свирежи, почесто се среќаваат во тропските предели, најверојатно затоа што им помагаат на птиците подобро да се слушнат во бучна средина богата со биодиверзитет и густа вегетација.

Посложените композиции, со исклучително брзи трилери и комбинации што содржат многу информации, почесто се јавуваат во шумите на умерениот појас, каде што птиците главно комуницираат на пократки растојанија.


Како што посочуваат истражувачите, станува збор за своевиден еволутивен компромис – многу сложената песна пренесува повеќе информации, но тие потешко се пренесуваат на големи растојанија во сложени природни средини.

„Мислам дека ова истражување отвори нов начин да се гледа на птичјите песни како на нешто што е суштински поврзано со средината во која живеат“, заклучил Бакле.