Возиња, голманот на репрезентацијата на Зеленортските Острови, кој беше едно од најголемите откритија на неодамна завршеното Светско првенство, кариерата ќе ја продолжи во чилеанскиот великан „Colo-Colo“.
Претседателот на клубот, Анибал Моса, потврди дека е постигнат договор со 40-годишниот голман, кој во наредните денови ќе допатува во Чиле за да ги помине лекарските прегледи и официјално да ја потврди соработката.
„Возиња ќе биде играч на „Colo-Colo“. Во наредните денови ќе допатува во Чиле, ќе ги помине вообичаените лекарски прегледи, а потоа ќе биде претставен на стадионот „Monumental““, изјави Моса.
Првиот човек на чилеанскиот клуб истакна дека искусниот голман со своите настапи на Мундијалот покажа дека заслужува ваков трансфер, но призна и дека неговото доаѓање има голем маркетиншки потенцијал за клубот.
🚨🇨🇻 Vozinha to Colo Colo, here we go! Verbal agreement in place for Cape Verde goalkeeper.
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) July 25, 2026
Documents yet to be signed, likely to happen over the weekend and then time to travel for medical tests.
Vozinha, ready for new chapter in Chile. 🇨🇱 pic.twitter.com/La6gjffDBL
Иако договорот сè уште не е официјално финализиран, „Colo-Colo“ веќе ја разбуди фантазијата на навивачите со објава на социјалните мрежи, каде што преку фотографија од неговата препознатлива кадрава фризура го најави доаѓањето на новиот чувар на мрежата.
Возиња на турнирот стекна светска афирмација. Тој беше еден од најзаслужните што дебитантите од Зеленортските Острови одиграа без голови против подоцнежниот светски шампион Шпанија, додека вицешампионот Аргентина го принудија победата да ја обезбеди дури по продолженија во осминафиналето.
Неговите одлични настапи му донесоа место во идеалниот тим на Светското првенство, кој беше избран со гласовите на навивачите од целиот свет.








