[ВИДЕО] Џони Деп ги изненадил обожавателите појавувајќи се маскиран во Сан Диего: Ја најави својата нова улога

Точка

24/07/2026

17:46

461

Големина на фонт

а а а

Холивудскиот актер Џони Деп во четвртокот приредил големо изненадување за посетителите на Сан Диего Комик-Кон, појавувајќи се целосно маскиран како ликот на Ебенизер Скруџ, кого го толкува во претстојниот филм.

Деп го толкува ликот на прочуениот намќор во претстојниот филм на студиото Парамаунт, насловен „Ебенизер“, во режија на Тај Вест, чија кинопремиера е закажана за ноември оваа година.

Актерот се појавил пред тематската продавница наречена „Scrooge and Marley“ во градската населба Гасламп. Обожавателите почнале да се собираат на таа локација уште околу пладне, надевајќи се дека први ќе дознаат што подготвило студиото во рамки на промоцијата на филмот.

Програмата започнала со настап на изведувачи на божиќни песни кои и покрај топлото попладне и температурата од 27°C, создале празнична атмосфера во пешачката зона. Набргу потоа, пред насобраните се појавил Деп, облечен во својот препознатлив црн капут.

„Зарем немате работа?“, ѝ се обратил Деп на насобраната публика со рапав глас, останувајќи целосно доследен на ликот што го толкува. „Изгледа имате премногу слободно време. Јас, за разлика од вас, работам“, додал тој.

Откако некој од толпата довикнал: „Добар ден, господине Скруџ“, актерот кратко и дрско возвратил: „Што е тука добро?“.

Иако неговото доаѓање се чуваше во тајност, некои обожаватели – од кои дел беа маскирани како најпознатите ликови што ги има толкувано Деп – успеаја навреме да го забележат. За време на околу половина час интерактивен настап, Деп се шегувал на сметка на нивните костими, забавувајќи ги присутните со кратки импровизирани скечеви.


За Деп, чија кариера во последните години беше засенета од долгите судски процеси и медиумските скандали, овој проект претставува големо враќање во високобуџетските филмски продукции. Првите сцени од филмот беа прикажани претходно оваа година на конвенцијата СинемаКон во Лас Вегас, каде што неговото излегување на сцената беше поздравено со неколкуминутни овации.