Заработувал милион долари по епизода, а бил несреќен: Исповедта на славниот актер за неговите внатрешни борби

Точка

21/07/2026

14:29

797

Големина на фонт

а а а

Џим Парсонс оствари кариера за каква што сонуваат милиони луѓе, но ѕвездата на серијата „Бубалици“ (The Big Bang Theory) откри дека огромниот успех имал висока лична цена.

На врвот на славата, додека целиот свет го познаваше како симпатичниот генијалец Шелдон Купер, Парсонс не уживал во успехот. Наместо тоа, се чувствувал преоптоварено, анксиозно и несреќно.

Добитникот на наградата Еми дури неодамна проговорил за внатрешните борби што ги водел во текот на 12-те години снимање на една од најпопуларните серии во историјата. Во интервју за поткастот „All Out with Jon Dean“ открил дека опсесивните навики го држеле под постојан стрес.


„Сега кога ќе се навратам наназад, сфаќам дека на многу начини, во некои од најубавите моменти од мојот живот, всушност бев несреќен“, изјавил Парсонс.

„Не бев среќен. Бев под постојан стрес. Имав чувство дека морам да жонглирам со премногу обврски и дека успехот, како и сите добри работи во животот, доаѓаат само преку претерана работа, дисциплина и сè останато. Можеби делумно тоа и беше точно. Не знам“, додал тој.

Иако признал дека неговата исклучителна дисциплина можеби придонела за успехот, Парсонс рекол дека постојаниот притисок што самиот си го наметнувал не вредел за емоционалната цена што ја платил.

Својата таканаречена работна етика денес ја гледа од сосема поинаква перспектива.


„Ако сакате така да го наречете. Делумно тоа се претвори во работна етика, но всушност сето тоа беше само опсесивно однесување“, објаснил тој.

Актерот додал дека перфекционизмот, кој му помогнал во кариерата, истовремено го заробил во маѓепсан круг на опсесивно однесување, за кое денес смета дека воопшто не било неопходно.

„Да, бев дисциплиниран. Да, имав добра работна етика, но голем дел од тоа беше поврзан со опсесивно-компулсивното нарушување (ОКН). Во главата имав список на работи што морав да ги завршам за да се чувствувам добро и да знам дека можам квалитетно да си ја работам работата, а денес мислам дека тоа всушност не беше точно“, заклучил тој.


Опсесивната рутина на Парсонс довела до тоа, како што самиот рекол, да пропушти „голем дел од животот“ што не се вклопувал во строгата структура што си ја наметнал.

Неговата одлука да ја напушти серијата по 12-та сезона на крајот доведе и до нејзино завршување. Иако тогаш тврдел дека едноставно „дошло време“ и дека „приказната го достигнала својот максимум“, денес е јасно дека личните причини и менталното здравје одиграле клучна улога во таа одлука.

Актерот признал дека на преиспитување на сопствениот живот го поттикнале и некои приватни настани, како смртта на неговото куче и скршеницата на ногата.


На прашањето дали постои начин младите актери да пронајдат рамнотежа, Парсонс одговорил: „Искрено, не знам“.

Потоа додал: „Исто така, не можам да се вратам во минатото. Немаше да бидам таму каде што сум денес ако не поминев низ тој период, а мојата донекаде автодеструктивна природа беше дел од целата приказна“.

Успехот на серијата „Бубалици“ (The Big Bang Theory) беше огромен, а со него растеа и хонорарите на главните актери. Во првите сезони главното актерско трио, меѓу кои и Парсонс, заработуваше околу 60.000 долари по епизода. До осмата сезона таа сума порасна на дури еден милион долари по епизода за секој од главните актери.


Во последните две сезони, петте главни ѕвезди, меѓу кои беше и Парсонс, се согласија да го намалат својот хонорар на 900.000 долари по епизода, за нивните колешки Мајим Бјалик и Мелиса Рауч да добијат повисоки плати.

И покрај огромната заработка, Парсонс истакнал дека не би го повторил тоа искуство.

„Не би го повторил тоа за никакви пари… едноставно затоа што понекогаш беше стресно и мачно. Сам се направив несреќен“, заклучил тој.