Трамп подготвува голем напад: Во подземен комплекс се крие најголемата иранска тајна?

Точка

22/07/2026

21:15

2.205

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја заостри реториката кон Иран со изјава дека Соединетите Американски Држави „многу веројатно наскоро“ ќе изведат напад врз подрачје каде што, според тврдењата на израелските разузнавачки служби, се наоѓа нов подземен комплекс во кој Техеран ги преместил центрифугите за збогатување ураниум.

Според „Волстрит џурнал“, кој се повикува на американски и израелски функционери, Израел до Вашингтон доставил разузнавачки информации според кои Иран преместил илјадници центрифуги во строго чуван подземен објект под планината Коланг Газ Ла, позната и како Пикакс (Pickaxe). Според израелските проценки, преместувањето започнало уште минатата есен, по 12-дневната војна во јуни 2025 година, за време на која САД и Израел нападнаа повеќе ирански нуклеарни постројки.

Трамп тврди дека воена акција против тоа подрачје е многу веројатна.


„Многу е веројатно дека наскоро ќе го погодиме тоа подрачје. А тие тука не можат да направат речиси ништо“, изјави тој.

Иран одговори дека секој американски напад врз неговите нуклеарни постројки ќе го смета за проширување на конфликтот на целиот регион.

Подземниот комплекс се наоѓа во централниот дел на Иран, околу еден и пол километар јужно од постројката за збогатување ураниум во Натанц, која веќе беше цел на американски и израелски напади. Според податоците на Институтот за наука и меѓународна безбедност (ИСИС), комплексот е изграден на длабочина од најмалку 100 метри под планината Коланг Газ Ла.


Изградбата на комплексот започнала во 2020 година, а Иран го пријавил пред Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) како идна постројка за составување центрифуги што се користат во производството на нуклеарно гориво.

Бидејќи плановите на објектот не се јавно достапни, експертите го следат неговиот развој со помош на сателитски снимки. Тие покажуваат мрежа од подземни тунели, широка безбедносна зона и бетонски зајакнати влезови проектирани да издржат можни воздушни напади. Според досегашните проценки, објектот сè уште не е целосно оперативен, но градежните работи продолжуваат и според достапните информации, во последните месеци дополнително се забрзани.

Збогатување ураниум

Аналитичарите сметаат дека Иран во овој комплекс би можел да произведува нови центрифуги, да префрла активности од оштетените нуклеарни постројки или да подготвува целосно ново постројка за збогатување ураниум.

Израелските разузнавачки извори веруваат дека Техеран, по минатогодишните напади, во комплексот Пикакс префрлил дел од резервите на високо збогатен ураниум, како и напредни центрифуги.

За време на 12-дневната војна, Израел ги нападна клучните нуклеарни постројки во Натанц, Исфахан и Фордо, а ликвидираше и повеќе научници поврзани со иранската нуклеарна програма. Кон крајот на конфликтот се вклучија и Соединетите Американски Држави, кои со моќни бомби ги гаѓаа истите постројки.

Трамп тогаш тврдеше дека иранските нуклеарни капацитети се „целосно уништени“, но подоцнежните проценки на американските и меѓународните разузнавачки служби покажаа дека дел од програмата сепак ги преживеал нападите, иако претрпел сериозни оштетувања.


Комплексот Пикакс не беше меѓу целите на тие напади.

Си-ен-ен претходно објави дека Иран потоа дополнително ги обезбедил своите резерви на речиси оружен ураниум, затрупувајќи ги тунелите и поставувајќи експлозивни стапици на нивните влезови.

На прашањето дали напредните центрифуги навистина биле преместени во комплексот Пикакс, Трамп не ги потврди тврдењата на Израел.

Колку би бил ефикасен нападот?

„Немаме потврда за тоа“, изјави американскиот претседател.

Од друга страна, висок безбедносен извор од Техеран претходно за Си-ен-ен ги отфрли тврдењата дека во комплексот се одвиваат активности поврзани со збогатување ураниум. Иран и понатаму тврди дека неговата нуклеарна програма има исклучиво цивилна намена и служи за производство на енергија.

Експертите не се едногласни околу тоа колку ефикасен би бил евентуален напад врз комплексот. Аналитичарката Андреа Стрикер смета дека неговото онеспособување би го спречило Иран повторно да ги обнови капацитетите за збогатување ураниум и евентуален развој на нуклеарно оружје.


Институтот за наука и меѓународна безбедност наведува дека објектот, и покрај тоа што се наоѓа длабоко под земја, има одредени слабости, бидејќи за нормално функционирање зависи од вентилација, снабдување со електрична енергија, системи за ладење, логистика и присуство на персонал, што би можело да претставува потенцијални цели при евентуален напад.

Сепак, дел од експертите предупредуваат дека ниту најмоќните бомби најверојатно не би можеле да го уништат главниот подземен комплекс, туку само да ги затрупаат влезовите во тунелите.

Џејмс Актон од „Карнегиевата фондација за меѓународен мир“ смета дека евентуален американски напад би имал ограничен ефект.

„Тоа не е потег што суштински ја менува ситуацијата“, истакна тој.

Фото: Волстрит џурнал, Гардијан, Телеграф.