Напаѓачот на бизнисменот Зоран Азманов остана без пасош

Макфакс

07/11/2026

17:50

622

Големина на фонт

а а а

Осомничениот за напад на македонскиот бизнисмен Зоран Азманов доби мерки на претпазливост вклучувајќи одземање на пасошот, забрана за приближување и обврска за редовно јавување кај надлежните органи. Инцидентот се случи при судење на 6 ноември и е предмет на понатамошна истрага.

На 61-годишниот маж осомничен за физичкиот напад врз македонскиот бизнисмен Зоран Азманов му се определени три мерки на претпазливост, потврдуваат од Кривичниот суд. Прифатен е предлогот за одземање на патната исправа, редовно јавување кај надлежен орган и забрана за приближување.

Мерките следуваат по инцидентот што се случи на 6 ноември во Основниот граѓански суд во Скопје, каде што Азманов, директор и претседател на Надзорниот одбор на градежната компанија „Настел“, бил физички нападнат.

Од Министерството за внатрешни работи претходно потврдија дека нападот бил пријавен истиот ден, во 09:47 часот.

„На 06.11.2026 во 09:47 часот во СВР Скопје пријавено е дека во Основен граѓански суд З.А. (67) бил физички нападнат од Ѓ.С. (61). Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Според неофицијалните информации, инцидентот се случил за време на судење, но засега не се познати причините што му претходеле на нападот, ниту степенот на евентуалните повреди на Азманов.

Со определените мерки на осомничениот му се ограничува можноста за патување и приближување до оштетениот, а истовремено се обезбедува неговата достапност за надлежните органи во понатамошната постапка.