Светските цени на храната паднаа по четири години, најголемо поевтинување кај житарките

Макфакс

07/11/2026

11:11

477

Големина на фонт

а а а

Светските цени на храната бележат благо намалување по четири години раст, главно поради пониските цени на житарките, месото и млекото, покажуваат најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.

По достигнувањето на највисокото ниво во последните четири години, светските цени на храната бележат благо намалување. Според најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО), октомврискиот пад главно се должи на пониските цени на житарките, месото и млекото.

Индексот на цените на храната на ФАО, кој ги следи месечните промени на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, во октомври изнесувал 133,9 поени, што е за 1,2 отсто помалку во споредба со септември.

Најизразен пад е забележан кај житарките. Нивниот индекс се намалил за 4,5 отсто, достигнувајќи 116,8 поени, што е за 12,6 отсто под нивото од октомври 2025 година.

Цената на пченицата се намалила по четири последователни месеци на раст, главно поради послабата меѓународна побарувачка, подобрите изгледи за производство во Аргентина и очекувањата за поголем извоз од регионот на Црното Море. Пониски биле и цените на пченката, јачменот и сиракот.

Од ФАО наведуваат дека очекувањата за олеснување на ограничувањата за извоз преку Црното Море дополнително придонеле за падот на цените. Сепак, нарушувањата во логистиката во тој регион го ограничиле намалувањето.

Индексот на цените на местото во октомври се намалил за 1,2 отсто, на 125,5 поени. Пониски биле цените на свинското, овчото и говедското месо, додека цената на живинското месо останала непроменета.