[ВИДЕО] Дали сте слушнале за „плажата на силиконите“ во Грција? Инфлуенсерка објави снимка

Точка

22/07/2026

16:33

929

Големина на фонт

а а а

Снимката на германска инфлуенсерка која со голи раце од морето вади необични проѕирни суштества привлече големо внимание на ТикТок. Поради нивниот изглед и текстура, многумина ги споредија со силиконски импланти, што авторката на видеото го искористи за шеговит коментар.

„Кога ќе пронајдеш илјадници бесплатни силиконски импланти како пловат наоколу во Грција“, напиша таа покрај снимката.

Следбениците продолжија во сличен тон, па се нижеа коментари како: „Можеби сирените ги заборавиле“. Сепак, во водата не пловеле отфрлени силикони, туку медузи од родот Aurelia, познати како месечеви медузи.

Иако нивниот допир за повеќето луѓе не претставува сериозна опасност, препораките на експертите се јасни – медузите не треба да се земаат со голи раце, дури ни кога изгледаат сосема безопасно.


Како изгледаат „силиконите“ што пловат во морето?

Месечевите медузи лесно се препознаваат по речиси целосно проѕирното, сплескано ѕвоно и четирите розови или виолетови форми што се гледаат во неговата внатрешност. Станува збор за половите органи на медузата, кои најчесто потсетуваат на потковици или кругови.

Токму поради проѕирното тело, желатинозната структура и заоблената форма, на снимката изгледале како силиконски импланти што пловат во водата.

Овие медузи најчесто достигнуваат пречник од 15 до 30 центиметри, имаат многу кратки пипци по работ на ѕвоното и четири усни краци. Нивното тело се состои од приближно 95 проценти вода, поради што надвор од морето брзо се распаѓаат.


Дали овие медузи се опасни?

Медузите од родот Aurelia поседуваат жарни клетки со кои ловат ситен планктон и друга храна. Нивниот отров главно не е доволно силен за да предизвика сериозни последици кај човекот, па многумина по допирот не чувствуваат ништо или забележуваат само благо пецкање и црвенило.

Сепак, тоа не значи дека треба да ги земате в раце.