На социјалните мрежи кружи снимка од авион на која шпански пилот наводно им приредил непријатна шега на аргентинските навивачи.
На патниците, кои сите биле облечени во обележја на Аргентина, најпрво им соопштил дека нивната репрезентација го освоила Светското првенство, иако во финалето победи Шпанија. Снимката од ноќниот лет, направена непосредно по завршувањето на натпреварот, предизвика бројни реакции.
Им се обратил на патниците преку разгласот
На снимката се гледаат патници во аргентински дресови како слават откако пилотот им се обратил преку разгласот.
„Тоа беше голема борба до самиот крај, се играа и продолженија. Двете репрезентации го дадоа својот максимум, но во финалето на Светското првенство може да победи само една“, рекол пилотот, а потоа дополнително ја подигнал атмосферата во кабината.
O PILOTO DEIXOU OS ARGENTINOS ACHANDO QUE ERAM CAMPEÕES KKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKKK pic.twitter.com/xsu68z3ryR
— CazéTV (@CazeTVOficial) July 20, 2026
„Сакавме да им честитаме на нашите пријатели од Аргентина“, порачал тој, по што патниците почнале да слават, мислејќи дека нивната репрезентација ја освоила титулата.
Меѓутоа, славењето не траело долго. Потоа пилотот го открил вистинскиот исход од натпреварот со зборовите: „Победи Шпанија“. Во кабината настанал молк, а снимката од тој момент набрзо станала вирална.
Аргентинските медиуми го критикуваа потегот на пилотот
Аргентинските медиуми го осудија потегот на пилотот, а некои го опишаа како „болна шега“. Весникот „La Voz del Interior“ објави дека шпанскиот капетан за време на летот соопштил лажна информација за резултатот од финалето, со што накратко предизвикал славење меѓу патниците, пред да открие дека светски првак всушност е Шпанија.

Други медиуми го оценија потегот како несоодветен и предупредија на можни безбедносни проблеми. Тие истакнаа дека дел од патниците можеле бурно да реагираат на таквата објава, па дури и да се обидат да влезат во конфликт со пилотот или да се упатат кон пилотската кабина.
Авиокомпанијата, како и рутата на летот на кој е направена снимката, засега не се објавени.







