Додека температурите во Јапонија се приближуваат до 38°C, а властите издаваат предупредувања за опасност од топлотен удар, две јапонски компании претставиле решение за екстремните горештини – фрижидер за луѓе.
Уредот, наречен „Do Hiemon“, односно „лична кутија за разладување“, е заеднички развиен од производител на автомати и компанија за производство на челични кутии за алат, а неговата цена изнесува околу 8.000 евра, пишува „The Telegraph“.
Брзо разладување до 5°C
Уредот е дизајниран како кабина од не’рѓосувачки челик со вградено седиште. Кога корисникот ќе седне внатре, системот почнува да испушта силни млазови воздух разладен на 5°C. Воздухот е насочен кон главата, вратот, рамената и грбот за телесната температура да се намали што е можно побрзо.

Температурата во внатрешноста на кабината се одржува на околу 15°C, а од безбедносни причини системот автоматски се исклучува по најмногу 20 минути користење. „Фрижидерот за луѓе“ е висок околу 213 сантиметри и длабок 120 сантиметри.
Намената и енергетската ефикасност
Производителот „SDRS“ наведува дека работата на уредот чини само 16 јени, односно околу 0,10 евра на час, што го прави енергетски поефикасен од класичните клима-уреди. Добавувачот „Trusco“ истакнува дека ова е првиот пренослив уред кој овозможува разладување на целото тело и може да го олади организмот побрзо од стандардната климатизација.
Компаниите предлагаат овие мобилни кабини да се поставуваат на градилишта и земјоделски површини, каде што работниците би можеле да направат пауза од летните горештини. Тие можат да се користат и во трговски центри, училишта, на фестивали и спортски терени.
Производителите тврдат дека корисникот се чувствува значително посвежо веќе по пет минути, додека десет минути поминати во кабината се доволни за ублажување на симптомите на топлотна исцрпеност.
Јапонија на удар на екстремни горештини
Јапонија во моментов се соочува со екстремен топлотен бран. Метеоролошката агенција во понеделникот соопшти дека температурата во градот Тојота достигнала 38,5°C, додека во Токио надминала 36°C. Агенцијата предупредува дека во среда и четврток температурите би можеле да се искачат и над 40°C.
Јапонската влада оваа година воведе и нов назив за деновите кога температурата ќе надмине 40°C. Терминот „кокушоби“ се преведува како „сурово жежок“ или „брутално жежок“ ден.
Во Јапонија веќе постојат посебни називи за денови кога температурите надминуваат 25, 30 и 35 Целзиусови степени.
Минатата година Јапонија го забележа најтоплото лето од почетокот на мерењата во 1898 година. Просечните температури беа 2,36°C над повеќегодишниот просек, а во текот на девет дена помеѓу јуни и август температурите надминаа 40°C. Во градот Исесаки беше регистриран и нов национален рекорд од 41,8°C.

Според податоците на Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи, оваа година седум лица починале како последица на топлотен удар. Во периодот од 6 до 12 јули, повеќе од 4.500 луѓе биле хоспитализирани.
Владата ги повикува граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат активности на отворено и редовно да ја проверуваат здравствената состојба на постарите соседи и роднини.














