Разиграна и распеана Битолска чаршија со „Кафе Де Анатолија“ и „Диванхана“ на Локум фест Битола

Макфакс

19/07/2026

18:20

293

Големина на фонт

а а а

Локум фест во Битола одбележа дваесетгодишен јубилеј со настапи на етно проектот „Кафе Де Анатолија“, севдах бендот „Диванхана“ и други музички изведувачи, промовирајќи традиционалната и современата музика и ја разигра битолската чаршија.

Со претставувањето на етно проектот „Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски, севдах бендот „Диванхана“ од Сараево и дј сетот на Били Естебан, Локум фест и се оддолжи на битолската чаршија за сета радост и дух кој и го даде на овој фестивал кој точно пред 20 години започна токму тука.

„Кога гледате радосни лица кои играат и се веселат, знаете дека мисијата е успешна. Голема благодарност до сите кои помогнаа да се случи Локум фест, од дуќанџиите, до тимот, мајсторите за бина и транспорт, звук и светло и куп луѓе за кои треба време да се набројат, пред се благодарност до Општина Битола и Бит фест и секако Министерството за култура и туризам без кои овој фестивал не ќе дојдеше до овде“, истакнува организаторот.

Етно проектот „Кафе де Анатолија“, проект на органик хаус музика со етно елементи ги разигра присутните. Музичарите соработуваат со над 4000 диџеи и продуценти од целиот свет и нивниот каталог содржи над 6000 музички композиции. „Кафе де Анатолија“ е најнаградуваната издавачка куќа на Јутјуб со 31 Creator award. Нивните живи настапи се повеќе од само изведба, тоа е прослава на традицијата, иновацијата и универзалниот јазик на музиката. Продукциската куќа „Кафе де Анатолија“ е меѓународно позната. Ја основаа Зоран Илиев, познат како Били Естебан и неговите деца Моника и Никола во 2017, а концептот го имале од 2009.

„Мило ми е што сум повторно во Битола и оваа година. Претходните години имав можност да настапувам заедно со групата „Монистра“, со Александар Јовевски, минатата година имав мој самостоен концерт, а сега заедно со „Кафе де Анатолија“ и Александар Јовевски со кој имаме 20 годишна соработка, а од пред неколку години започнавме и со Били Естебан“, ни изјави девојката со прекрасен глас, познатата вокалистка на македонска традиционална музика, Габриела Новевска и додава:

„Пред се треба да си го чуваме и промовираме она нашето и почитуваме, за да може и било кој странец кога ќе дојде да го препознае тоа и да го почитува. Ви го честитам јубилејот на фестивалот и посакувам да дочекаме уште многу јубилеи заедно и се надевам дека уште многу македонски изведувачи ќе бидат дел од истиот, продолжете да бидете препознатлив бренд.

Новевска е дел и од националниот ансамбл „Танец“, проектот „Те кажувајет, Илино моме“ и многу други.

„Кафе Де Анатолија“, Били Естебан и Александар Јовевски на публиката и понудија добар ритам искомбиниран со звукот на кавалот и канонот.

Следуваше настапот на една од најпознатите балкански етно групи – Divanhana од Босна и Херцеговина. Основани во 2009 година во Сараево од студенти на Музичката академија при Универзитетот во Сараево, со идеја традиционалната босанска севдалинка да ја претстават во современо музичко руво, инспирирано од џезот, класичната и светската музика. Во 2023 година, британското списание Songlines ги прогласи Divanhana за „Best Group“ на Songlines Music Awards, што претставува едно од најголемите меѓународни признанија за традиционалната музика од Босна и Херцеговина. Со својата врвна музичка изведба, емотивен вокал и препознатлив сценски израз, Divanhana денес е еден од најважните амбасадори на босанското музичко наследство на светската сцена.

„Многу ни е мило што сме во Битола, за прв пат сме овде и за прв пат на Локум фестивалот, го честитам воедно јубилејот. Ви посакувам да си ја чувате традицијата и понатаму и да имате интересни групи како и досега. Се надевам фестивалот секоја година ќе биде се поголем и поуспешен. Фестивалот на овој начин привлекува и туристи, што е значајно и за градот, бидејќи навистина имате што да понудите. Нашата музика е комбинација на традицијата и модерното. Ја почитуваме традицијата и со целосна почит ја пренесуваме, но на еден начин и младите луѓе да можат да ја слушаат нашата музика. Треба да ја изведуваме таа музика и тоа на начин прифатлив денес“, истакнува вокалистката Селма Дроце.

Оваа вечер заврши со лајв сетот со DJ Били Естебан.

Од 16 до 18 јули, битолчани и гостите уживаа во фестивал кој две децении ја чува автентичната музика и заокружи една убава музичка приказна. И оваа година Локум фест успешно го задржа својот препознатлив концепт, повторно понуди уникатен спој на етно музика, современи изрази, различни култури и автентични традиции. Како еден од ретките фестивали во регионот што опстојува со истата идеја од своите почетоци, фестивалот продолжува да ја гради својата приказна преку музиката како мост меѓу луѓето и културите. Локум фест доследно се држи до јавниот карактер и не се приклонува кон естрадизација на културата. Се одржува на јавни простори и е проект од национално значење финансиран од Министерство за култура и туризам и Општина Битола, а се одржува во рамките на Бит фест 2026 г.