„Ќе ја паметам оваа слика засекогаш“: Зарина Првасевда раскажа потресен момент од скопската слаткарница „Шехерезада“

Точка

17/07/2026

14:28

596

Големина на фонт

а а а

Живееме во 21 век. Навидум. Овозможено ни е сè, а со самото тоа паралелно ја губиме сета човечност и емпатија кои би требало да ги имаме. Станавме робови на капитализмот, живееме низ призмата на парите. Гладта за моќ и пари, од нас направија крволочни животни кои не гледаат подалеку од носот.

Веќе речиси и да не постои онаа средна класа од минатиот век. Луѓето или преживуваат, а од другата страна на паричката се оние кои повеќе не знаат што да прават со финансиските благодети кои ги имаат. Впрочем, би се навратила на погоре напишаното „гладта за моќ“. Голем дел од газдите, или оние кои се на повисока функција во општеството – тоа го користат не за да помогнат некому, туку го прават спротивното. А особено, ќе бидам погруба и ќе го искористам зборот „изживување“ – се случува на многу работни места, каде што некој се обидува да заработи парче леб. А некој, пак...

Едно такво сведоштво сподели и нашата музичарка, Зарина Првасевда, која во слаткарницата „Шехерезада“ на скопската автобуска станица присуствувала на една тотално непријатна ситуација.

Нејзината објава ви ја пренесуваме во целост.

„Денеска посведочив на нешто што ми го скрши срцето.

Седев во „Шехерезад“ на автобуска во Скопје , каде што работеше една прељубезна млада девојка која ме послужи. Одеднаш влезе еден возрасен човек кој зборуваше на албански и речиси ништо не успеав да разберам, сѐ до моментот кога го повиши тонот, а на девојчето ѝ се укочи погледот.

Станав и тргнав кон него, но не успеав да го стигнам бидејќи веќе го напушти локалот, а девојчето остана зад пултот во солзи.

Ја прегрнав и ја прашав што се случило. Ми објасни дека човекот претходно дошол да јаде, но кај себе имал само евра, а не денари, па си заминал без да плати. Таа, сосема оправдано, му направила забелешка. Подоцна се вратил да плати, но наместо извинување, ѝ приреди петнаесет минути навреди.

*

Од својата тринаесетта година, па сѐ до 24-5 години, работев активно разни достоинствени работи, од фабрики до продавници , но главно, како келнер и шанкер. Сум била на таа страна од пултот безброј пати.

До ден денес се сеќавам на лицата, па дури и на мирисот на луѓето кои се однесуваа лошо со мене, во време кога дел од најубавите години ги вложував работејќи за да си ја платам школарината и киријата во Скопје додека моите врсници беа слободни како птици.

Доаѓаа чичковци со џебови полни пари, а со срца празни како лејка. Со нас се однесуваа како да сме потрошна роба, како да сме измеќари, како да вредиме помалку.

Да не ви расправам за газдите и шефовите, тоа е посебна категорија на лудост. И нив ги помнам, многу убаво. 

Но имаше и други. Луѓе што ќе седнат, ќе направат муабет, ќе остават бакшиш, ќе прашаат како си. И нив ги паметам. И нив ги благословувам до ден-денес.

Што ми е зборот…


Начинот на кој некој се однесува со услужниот персонал кажува многу повеќе за него отколку што мисли. 

Тоа си е дијагноза, пријатели. Јасна како бел ден структура на личност. Нема потреба за било какви дополнителни иследувања. Дополнително, тоа е најбрзиот тест за човечност што постои.

Како и да е, насмевнете ѝ се на продавачката во продавница. Оставете бакшиш на девојката што ве послужила во кафуле. Прашајте ја како е. Кренете ѝ ја кофата на хигиеничарката во зградата и поздравете ја.

Тоа се луѓето што ни го олеснуваат секојдневието. Луѓе што со часови стојат на нозе за да ги прехранат своите семејства, да платат кирија, да издржуваат болни родители или деца, или едноставно достоинствено да заработат за живот.

Никогаш не биди човекот од „Шехерезад“.“

Биди причината поради која некој ќе си замине дома со малку повеќе верба во луѓето, а не со солзи во очите. Затоа што љубезноста не чини ништо, а некому може да му значи сѐ.

П.с. Морав да си одам, ми стигна автобусот. Ако некој е во близина, однесете му цвет на девојчето. ❤️“


И за крај, обидете се да ја вратите ја добрината и човечноста во себеси. Ќе бидете посреќни и поспокојни.