Вклучен алармот во Гостивар: Повраќање, дијареја, температура... Стотици граѓани побарале помош во болница - АХВ со вонредни контроли

Точка

17/07/2026

13:13

1.114

Големина на фонт

а а а

Исправноста на водата за пиење во градскиот водовод во Гостивар се проверува со вонредни контроли за да се утврди дали има поврзаност со зголемениот број на пациенти со дигестивни проблеми

Околу 1.200 граѓани побарале помош во Гостиварската болница, поради симптоми на стомачни тегоби во градот, пренесува „Фокус“.

Од гостиварската болница известуваат:

„Во врска со епидемијата која се шири во Гостивар овие 3-4 дена заради која имаме голем број на пациенти на кои им е дадена медицинска помош во нашата установа, заради која сме направиле и зајакнување на медицинскиот персонал во одделенијата каде има голем број на пациенти. Ве известуваме дека поголемиот број на пациентите се со исти симптоми како повраќање, дијареја, болки во желудникот, температура, омалаксаност итн.


Најголем број на пациентите со овие симптоми има во Инфектологија, Детско одделеније и во Ургентна Единица.

Деновиве во ЈЗУ Општа Болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар, со овие симптоми се пријавени околу 1000-1200 пациенти. На сите пациенти им е дадена медицинска помош однсоно соодветна терапија. Ова известување го праќаме заради тоа што овој број на пациенти е надвор од редовните бројки на пациентите во нашата установа“, велат од болницата за „Фокус“.

Од ОЈО на новинарско прашање одговорија дека за незаконска интервенција во водоводната мрежа, по наредба на јавен обвинител се преземаат дејствија по поднесена пријава во однос на квалитетот на водата за пиење.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) побара да се спроведат вонредни контроли на водата за пиење која се дистрибуира во градскиот водовод. Од одделението за хигиена и здравствена екологија при центарот за Јавно здравје, ПЕ Гостивар, потврдија дека вчера е спроведена вонредна контрола и дека се земени примероци од четири мерни места.

„Што се однесува до водата и поради ситуацијата, направивме, покрај редовните и вонредни анализи. Последните резултати од анализите што ги направивме од понеделникот беа добри, односно физичко-хемиски и микробиолошки беа во ред. Вчера зедовме уште некои вонредни анализи, меѓутоа за нивните резултати треба да почекаме до утре или евентуално до понеделник. Така што, во моментов не можеме ништо конкретно да кажеме за нив“, изјави за МИА, д-р Берун Мустафа, специјалист по хигиена од Центар за јавно здравје Гостивар.


Од општата болница „Ферид Мурад“ потврдија дека во инфективното и детското одделение има зголемен број на прегледи и граѓани кои се жалат на дијареја, болки во стомакот, повраќање и покачена температура. Според првичните наоди и клиничка слика најверојатно се работи за сезонски вирози и дека нема епидемиолошка поврзаност.

Од МВР соопштија дека постојат основи на сомневање за сторено кривично дело „загадување на вода за пиење“ од член 219 од Кривичниот законик.

Според информациите на Министерството, постојат сомневања дека Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води, преку кои вода била вбризгувана директно во главниот цевковод што го снабдува градот. Според МВР, целта на оваа интервенција најверојатно била да се зголеми притисокот во водоводната мрежа поради недостиг на питка вода, со што, како што наведуваат, било доведено во опасност здравјето на граѓаните.