Народниот театар Битола се подготвува за светската премиера на претставата „Кориолан“ на Shakespeare Fringe Festival во Верона, Италија. Ова е прва поставка на ова дело од Шекспир во Македонија, а претставата открива прашања за власта и општествените одговорности.
По успешната премиера во рамките на 66.Охридско лето, НУ Народен театар Битола, се подготвува за гостувањето во Италија, каде на 21. јули, во рамките на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, ќе ја има светската фестивалска премиера на претставата „Кориолан“, во режија на Џон Блондел. Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството.
„Кориолан“ е дело кое што за прв пат се поставува на театарските сцени низ Македонија.
Имаме една голема екипа која што е спремна да се соочи со предизвикот на македонска и светска премиера на „Кориолан“. Како и за сè останато, така и за овој тип на реализација на претстави, Битолскиот театар секогаш бил пионер во некои работи. Продолжуваме да се однесуваме така и да бидеме чекор-два пред сите останати и нашите премиери после подолго време конечно да се случат и на сцените надвор од Балканот, во европски земји, на што сум искрено горд“, истакна на почетокот директорот на НТБ, Васко Мавровски.
Ова е петта соработка на Џон Блондел со Народниот театар Битола, партнерство кое низ годините донесе препознатливи и високо оценети театарски остварувања. Тој е и уметнички директор на Верона Фринџ Фестивалот.
Режисерот Џон Блондел за соработката и претставата „Кориолан“
„Во разговори со моите колеги таму разговаравме за тоа кои претстави би сакале да ги имаме годинава на фестивалот и една од тие е претставата „Кориолан“. И јас лично изразив желба дека сакам да ја работам и дека сакам да ја работам со екипата на Народен театар Битола. Така дојде всушност до оваа соработка и сум среќен дека претставата се реализира со овие прекрасни уметници. „Кориолан“ е едно од последните дела на Шекспир, напишано е 1608 година и е последната трагедија, всушност, која што ја напишал“, изјави режисерот Џон Блондел.
„Кориолан“ не е само приказна за еден воен херој. Тоа е приказна за секое време во кое живееме. Ликот на Кориолан го игра Васко Мавровски, а покрај него играат и: Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска.
Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска. Со учеството на овој престижен меѓународен фестивал, организиран од „Skenè Research Centre“ при Универзитетот во Верона, Народниот театар Битола ќе ја претставува Македонија заедно со театри од: Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија.










