Гвардиола: Не навивам за ниту една селекција на мундијалот, но тројца играчи можат да направат разлика во корист на Шпанија

Дерби

17/07/2026

10:56

1.285

Големина на фонт

а а а

Пеп Гвардиола целосно се посвети на летниот одмор и умешно ги избегнуваше медиумите до овој момент, но пред големото финале кое следи на Светското првенство, шпанскиот стручњак одработи едно интервју за „OKX“.

Доскорешниот менаџер на Манчестер Сити откри дека нема изразит фаворит на Светското првенство и дека не навива за ниту една репрезентација, апострофирајќи дека помило му е да победуваат играчи со кои има изградено посебна конекција низ текот на кариерата.

– Не навивам за ниту една селекција на мундијалот, а причина за тоа е фактот што сакам повеќе играчи, има многу фудбалери кои ги почитувам.

– Секогаш навивам за селекциите во кои играат фудбалери кои ми се допаѓаат. Ако победи Аргентина, таму има играчи кои многу ги сакам и со кои сум поминал дел од животот и ќе бидам среќен за нив. Истото важеше и за Франција и за Португалија, таму има играчи кои ме воодушевуваат, – вели Гвардиола.

Запрашан за тоа какво мислење има за неговата Шпанија, Гвардиола посочи три имиња кои можат да направат разлика во големото финале, а тоа според него се Родри, Педри и Ламин Јамал.

– Ако Родри успее да се наметне како што знае да го направи тоа во друштво на Педри и ако Ламин биде во најдобра форма, Шпанија може да направи клучна разлика во своја корист, – вели Пеп.