Исхраната богата со овошје, зеленчук и интегрални житарки со години се смета за еден од темелите за зачувување на здравјето и намалување на ризикот од бројни болести, вклучително и од рак.
Но, новото истражување на американскиот Универзитет во Јужна Калифорнија (УСК) носи неочекувано откритие кое би можело да отвори нови прашања за факторите на ризик за развој на ракот на белите дробови кај помладите непушачи.

Резултатите, претставени на годишниот собир на Американското здружение за истражување на ракот (ААКР), покажале дека луѓето помлади од 50 години кои никогаш не пушеле, а се хранат поздраво од просекот, почесто заболуваат од рак на белите дробови, пренесува „Саенс дејли“. Авторите предупредуваат дека ова се прелиминарни резултати и дека од нив сè уште не можат да се извлечат конечни заклучоци.
„Нашето истражување покажува дека помладите непушачи што јадат поздрава храна од општата популација почесто развиваат рак на белите дробови. Овие навидум парадоксални наоди покренуваат важни прашања за можниот фактор на ризик од животната средина поврзан со храната која инаку се смета за корисна за здравјето“, рекол раководителот на студијата Хорхе Ниева, онколог и специјалист за рак на белите дробови во Центарот за сеопфатен рак Норис на УСК.
Сомнежот паѓа на пестицидите
Истражувачите нагласуваат дека проблемот веројатно не е во самите намирници, туку во остатоците од пестициди на конвенционално одгледуваното овошје, зеленчук и целите житарки. Според Ниева, токму тие намирници по правило содржат повеќе остатоци од пестициди отколку млечните производи, месото и многу преработени производи, а на таа претпоставка посочиле и од претходните истражувања кои покажале дека земјоделските работници што се изложени на нив подолго време почесто заболуваат од рак на белите дробови.

Студијата, исто така, покажала дека жените помлади од 50 години кои никогаш не пушеле се разболувале почесто од мажите на иста возраст, а во просек јаделе повеќе овошје, зеленчук и интегрални житарки.
Сè повеќе случаи кај помладите непушачи
Ракот на белите дробови се поврзува со постарата возраст и пушењето, а просечната возраст при дијагностицирање е 71 година. Иако намалувањето на бројот на пушачи во последните децении доведе до намалување на вкупниот број на заболени во САД, меѓу непушачите помлади од 50 години се бележи спротивен тренд, особено кај жените.
За да ги истражат причините, научниците анализирале податоци од 187 лица на кои им е дијагностициран рак на белите дробови пред 50-годишна возраст. Повеќето испитаници никогаш не пушеле ниту страдале од биолошки различна форма на рак на белите дробови од онаа што најчесто се поврзува со цигарите.
Во просек, учесниците во истражувањето поквалитетно се хранеле од општата американска популација и консумирале повеќе овошје, зеленчук и житарки од цело зрно.
Сепак, авторите истакнуваат дека поврзаноста помеѓу изложеноста на пестициди и ракот на белите дробови засега не е докажана. Во ова истражување, тие не ги мереле директно нивоата на пестициди во храната што ја консумирале испитаниците, туку ги базирале своите проценки на претходно објавени податоци за просечните остатоци од пестициди во одредени групи намирници.

Следната фаза од истражувањето
Следната фаза од истражувањето ќе вклучува мерење на концентрациите на пестициди во примероците од крв и урина на испитаниците за да се утврди дали некои од нив се посилно поврзани со ризикот од развој на рак на белите дробови.
„Ова е важен чекор кон откривање на факторите на животната средина на кои може да се влијае, а кои би можеле да придонесат за развој на рак на белите дробови кај помладите возрасни лица. Се надеваме дека резултатите ќе помогнат во обликувањето на препораките за јавно здравје и понатамошните истражувања за превенција на оваа болест“, заклучил Ниева.















