Мало знаме на Советскиот Сојуз, кое астронаутот Баз Олдрин го понел на историската мисија „Аполо 11“, е продадено на аукција за повеќе од 100.000 долари, иако експертите очекувале значително пониска цена.
Минијатурното знаме на Советскиот Сојуз, кое во 1969 година патувало до Месечината за време на историската мисија „Аполо 11“, е продадено на аукција на аукциската куќа „Sotheby’s“ во Њујорк за 102.400 долари, со вклучена провизија.
Цената по која е продадено повеќекратно ја надминала почетната проценка на експертите, кои очекувале дека ќе достигне меѓу 7.000 и 10.000 долари.
Самото наддавање завршило на 15 јули, а конечната понудена цена, без провизијата, изнесувала 80.000 долари.
Информацијата за аукцијата ја сподели и профилот@echofm_online на социјалната мрежа „X“.
Знамето го понел Баз Олдрин
Станува збор за минијатурно знаме со димензии од приближно 10 × 15 сантиметри, кое во јули 1969 година на историското патување го понел астронаутот Баз Олдрин, пилот на лунарниот модул на мисијата „Аполо 11“.
На знамето стои натписот „Flown to the Moon on Apollo XI“ („Летало до Месечината во мисијата „Аполо 11“), како и оригиналниот потпис на славниот астронаут.
Заедно со знамето било приложено и писмо лично потпишано од Олдрин, со кое го потврдува неговото потекло.
Во писмото тој објаснил дека советското знаме го понел како гест на добра волја меѓу Соединетите Американски Држави и Советскиот Сојуз, нагласувајќи дека успехот на мисијата „Аполо 11“ го смета за достигнување на целото човештво, а не само на една држава.
Побывавший на Луне флаг СССР продали на аукционе Sotheby's за 80 тысяч долларов
— ЭХО (@echofm_online) July 16, 2026
Миниатюрный советский флаг, побывавший на Луне во время миссии «Аполлон-11», продали за $80 тыс. — это следует из данных на сайте Sotheby's, изначально эксперты оценивали лот в $7–10 тысяч, пишет… pic.twitter.com/ts2fjmYTcY
На Месечината понел повеќе знамиња
Покрај знамето на Советскиот Сојуз, Олдрин за време на мисијата со себе ги понел и знамињата на Соединетите Американски Држави, американската сојузна држава Тексас, како и на неговата родна држава Њу Џерси.
Мисијата „Аполо 11“ остана запаметена како првиот успешен лет со човечки екипаж што слета на површината на Месечината.
На 20 јули 1969 година, Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе што чекореле по природниот сателит на Земјата, додека Мајкл Колинс останал во командниот модул во лунарната орбита.
Не е прв рекорд на Баз Олдрин
Ова не е првпат предмети поврзани со историската мисија „Аполо 11“ да привлечат огромно внимание кај колекционерите.
Аукциската куќа „Sotheby’s“ во 2022 година ја продаде летачката јакна на Олдрин од истата мисија за 2,77 милиони долари, што и денес претставува рекордна цена за предмет кој бил во вселената.
Новата продажба уште еднаш потврдува колку артефактите од златната ера на истражувањето на вселената се ценети меѓу колекционерите ширум светот.










