Новата кукла-трудница на компанијата „ZURU“, во чиј стомак се наоѓа бебе, ги подели родителите во Велика Британија и предизвика бурна јавна дебата.
Новата играчка, која ја прикажува бременоста и раѓањето на бебето, предизвика силни реакции меѓу родителите во Велика Британија. Додека производителот ја претставува како кукла наменета за креативна игра и развивање на грижливост, дел од мајките сметаат дека нејзиниот изглед и начинот на кој бебето „се раѓа“ се несоодветни и вознемирувачки.
Станува збор за куклата „My Mini Baby Mom & Surprise“, зад која стои компанијата „ZURU“.
Таа се продава во британскиот синџир продавници „Smyths Toys“ по цена од 19,99 британски фунти, односно околу 23 евра.

Бебе во стомакот
Куклата е претставена како идна мајка со труднички стомак, во кој се наоѓа мало бебе.
Кога ќе се отстрани предниот дел од стомакот, фигурата повторно добива витка форма, а детето може да ја помести плацентата, да го извади новороденчето и да ја продолжи играта со приложените додатоци.
Во пакувањето, покрај куклата и бебето, се наоѓаат ќебенце за повивање, лигавче, пелена, како и неколку додатоци, меѓу кои шишенце и торба.

Производот е наменет за деца постари од три години, а на декларацијата се предупредува дека содржи ситни делови кои можат да претставуваат опасност од задушување за помалите деца.
Посебно внимание кај родителите привлече начинот на кој бебето е сместено во стомакот на куклата.
Дел од корисниците на социјалните мрежи оценија дека целата сцена е премногу реалистична и премногу детално прикажана за играчка наменета за мали деца.

Бурни реакции
Голем број мајки новата кукла ја нарекоа „болна“ и „вознемирувачка“, наведувајќи дека играчката ја преминува границата меѓу безопасната игра и прикажувањето на чувствителни искуства од реалниот живот.
Една жена изјавила за „Daily Mail“ дека ваков производ може да биде силен емоционален поттикнувач за луѓе кои доживеале губење на бременост, компликации или трауматично породување.

Други родители сметаат дека на децата не им се потребни толку детални прикази на бременоста и породувањето за преку игра да учат за семејството и грижата за бебињата.
Сепак, не сите реакции беа негативни.
Дел од купувачите сметаат дека бременоста не треба да биде табу-тема и дека оваа кукла може да им помогне на децата кои очекуваат братче или сестриче полесно да ги разберат промените што се случуваат во семејството.


















